Во Рим, 46-то издание на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (22.5.2014 година), во импресивниот простор на Ватиканските музеи, ќе се обрати на отворањето на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“, која се одржува во рамките на 46-то издание на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“.

Пред италијанската публика, во просторот каде што се чуваат најзначајните светски колекции од непроценливи антиквитети, вредни збирки на слики и ремек-дела, изложени се 30 оригинални словенски ракописи со исклучителна вредност. Овие ракописи претставуваат сублимат на историските процеси низ кои се развивала македонската писменост, култура и цивилизација и имаат за цел да понудат оригинална слика за развојот на писмената култура на Балканот. Со оваа изложба, со која се одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските врски со Светата Столица, Република Македонија дава свој придонес во запознавањето на европската јавност со  богатството на културното наследство, а преку вредните оригинални ракописи е раскажана 1000-годишната писмена традиција на овие простори. Изложбата, која е во организација на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, во Ватиканските музеи за јавноста ќе биде достапна до 7 јуни годинава.

Ова значајно претставување на македонската писмена традиција низ вековите, во 2012 година со особен успех беше презентирано и во Кралскиот музеј во Мариемонт во Белгија, светски реномирана музејска институција која во својата постојана постановка ги претставува оригиналите на богатото книжевно творештво во светот.

Учеството на Република Македонија во глобалното чествување на писменоста во вечниот Рим ќе биде одбележано и со изведбата на модерната балетска претстава „14 часа“, која уметничкиот ансамбл на Македонската опера и балет утревечер ќе ја одигра во театарот „Куирино“, лоциран во центарот на Рим. Во претставата, која е во режија на Наташа Поплавска, музиката е на Кирил Џајковски, кореографијата и сценографијата на Игор Киров, настапуваат и примабалерината Александра Мијалкова, Василиј Чичијашвили…

Исто така, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во рамките на престојот во Република Италија, в петок (23 мај), во Рим ќе оствари билатерална средба со министерот за култура на Италија, Дарио Франческини, на која ќе се разговара за унапредување на односите во областа на културата меѓу двете земји.