Состојба со поплавите од синоќешното невреме во Скопје

Од дежурните екипи во Ј.П. „Водовод и канализација“ – Скопје известуваат дека во текот на ноќта од сите критични места во градот (подвозници и сообраќајници), водата се повлекла и дека истите на споменатите места интервенирале со пумпи за црпење и вакум цистерни. Во моментов работат на црпење на вода и отпушување на канализации од приватни и деловни објекти претежно на територија на општина Центар. До 09:00 часот примени се околу 40-тина дојави и на истите интервенираат редоследно. Од одговорното лице за заштита и спасување при локалната самоуправа на Град Скопје известуваат дека ноќеска во справувањето со последиците на невремето биле мобилизирани околу 300 лица од сите Јавни Претпријатија и БППЗ на Град Скопје. Кај нив на нивниот оперативен телефонски број биле пријавени околу 30-тина проблеми со поплавени подруми и сл. сите овие пријави проследени се до ЈП „Водовод“ за нивно решавање.

На територијата што ја покрива РЦУК Кисела Вода (Зелениково, Студеничани, Сопиште, Кисела Вода и Аеродром) поројниот дожд штети нанесе само во општина Аеродром. Покрај поплавени улици, откорнати дрва поплавено е земјоделското земјиште на потегот од Горно до Долно Лисиче, кое жителите го користат како бавчи. Во другите делови водата веќе е повлечена.

Проблеми има само во општина Гази Баба на ул. Финска каде има полавени подрумски простории и дворни места.

На подрачјето на општина Центар кое беше зафатено со обилен пороен дожд, грмежи, ветер и град за краток временски период беа поплавени скоро сите улици на територијата на општината и беа непроодни за собраќај повеќе од улиците, а најизразено беше на улицата Гоце Делчев под подвожњакот, кај ТЦ Мавровка, улица Водњанска и други улици, а водата беше навлезена во подруми на одредени куќи и дуќани. Со ангажирање на сите јавни претпријатија на град Скопје, беа расчистени и проодни поголемиот дел од поплавените места. Во раните утрински часови денеска проодни се сите улици.