Груевски: Новата музејска поставка ќе ја зголеми посетеноста на Музејот на македонската борба

Во Музејот на македонската борба за државност и самостојност денеска беше промовирана нова поставка, која се протега на површина од 300 метри квадратни и истата може да се спореди со поставките на Музејот Мадам Тисо во Лндон и Амстердам, Музејот на теророт во Будимпешта, Канадскиот воен музеј и Музејот на татковинската војна во Киев.

Новата музејска поставка има специфично светло, специјално компонирана музика-звуци, а ангажирани се и актери, кои облечени во соодветни костими прикажуваат сегменти од нашата историја.

Премиерот Никола Груевски истакна дека оваа поставка го прикажува ужасот низ кој поминале нашите предци, пред, во време и по илинденскиот период, на Балканските и двете светски војни, на разните поробувачи и репресатори на Македонија.

„Ваквиот приказ ја надополнува сликата за нашата историја, следејќи ги новите трендови за прикажување на историјата, кои се практикуваат во светот. Од една страна се приближуваат до посетителите некои од многуте драматични моменти низ кои поминувал македонскиот народ, а од друга страна низ атрактивниот приказ го привлекува вниманието на туристите“,  рече Груевски.

Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како што посочи Груевски е една од најважните институции во Р.Македонија, која се во минатиот период успеа да се етаблира како една од најатрактивните и најпрепознатливи национални установи во која е прикажано минатото на Македонија.

„Новата поставка и новите фигури очекуваме дека ќе ја зголемат заинтересираноста за овој музеј, кој со својата концепција е единствен од ваков вид во регионот, а со тоа ќе се зголеми и неговата посетеност. На тој начин музејот ќе продолжи да биде врвен едукатор, одличен презентер на македонската историја и силен атрактор на сите туристи кои го посетуваат Скопје и Република Македонија“, истакна Груевски.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека преку провокативниот и длабоко осмислен пристап на оваа поставка посетителот може да проникне во најмачните сегменти, најгорливите премрежја низ кои поминувал македонскиот народ на патот кон создавањето на својата национална држава на Балканот.

„Пред нас е една нова потресна аудио-визуелна нарација на болката, на манифестацијата на најбруталните форми, која не успеа да го скрши македонскиот дух, туку создаде вистинит мит за пожртвуваната храброст на еден народ кој ги победи најтешките искушенија“, истакна Канческа-Милевска.

Таа додаде дека се прикажува делот од македонската историја кој се занимава со актите на репресија, на кои бил подложен нашиот народ, во својата многувековна борба за самобитност.

Во подготовката на оваа поставка биле вклучени тим историчари, професорите Виолета Ачковска, Зоран Тодоровски и Никола Жежов. Визуелен креатор на поставката е Валентин Светозарев и неговите соработници.

Музејот на македонската борба за државност и самостојност од отворањето досега го посетиле над 110.000 посетители, од кои 20.000 биле странски.