Откриени и запленети околу 23 килограми марихуана, кривична пријава за девет лица

Министерството за внатрешни работи, во рамки на Оперативната акција „Мрежа“ реализираше случај на недозволена трговија со наркотици, при што се запленети околу 23 килограми  марихуана со што е пресечен меѓународен канал од Р.Албанија преку Р.Македонија кон Р.Хрватска и разбиена е меѓународна криминална група.

По претходно изготвен план беа преземени мерки и активности за лишување од слобода на седум лица од кои четворица македонски државјани на возраст од 22 до 52 години и тројца хрватски државјани на возраст од 40 до 54 години. Двајца албански државјани за кои постои сомнение дека биле дел од оваа меѓународна криминална група во моментот се недостапни на органите на прогон.

Имено, двајцата албански државјани, според досегашните сознанија, кон крајот на минатиот и почетокот на овој месец, по претходен договор од лица од Р.Албанија набавиле наркотична дрога марихуана за понатамошна продажба. При пакувањето учествувал еден хрватски државјанин, кој заедно со еден од осомничените македонски државјани обезбедиле преса заради полесно сместување на дрогата во бункерот на возилото. Со помош на член на групата од Македонија, пресуваната марихуана ја префрлиле на македонска територија во околината на Дебар, при што во договор со организаторот на групата, имале и улога на посредници. Тие стапиле во контакт со двајца други хрватски државјани кои ангажирале трето лице лице да го изврши транспортот за што обезбедил и возило. Осомничените оствариле неколку средби, по кои согласно добиените инструкции превозникот, заедно со еден од хрватските државјани се упатиле во околината на Дебар со патничко возило „Крајслер-војаџер“ со хрватски национални ознаки.

Таму ја преземале марихуаната и се упатиле во правец кон Струга. Од страна на полициски службеници на  регионалниот пат Дебар-Струга во близина на с.Велешта, возилото беше запрено и по добиена усна наредба од страна на судија на претходна постапка, беше извршен преглед и претрес. Во возилото беа откриени три специјално направени бункери во подот на багажниот простор. Зад задните седишта на подот на левата и десната страна од возилото беа пронајдени 28 пакувања облепени со селотејп трака исполнети со растителна материја со зелена боја.

download

По извршени претреси во домот на еден од осомничените, во една од собите во која е затекнат неговиот син, беа пронајдени и 17 полиетиленски пакувања исполнети со прашкаста материја – кокаин наменети за улична продажба.

Одземената растителна и прашкаста материја беше предадена во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења  при  МВР заради понатамошно вештачење, при што беше утврдено дека се работи за приближно 23 килограми марихуана со висок квалитет и околу 5 грама кокаин. Запленетата марихуана при продажба на нарко-пазарите во соседството на големо би достигнала цена од околу 70.000 евра, додека на мало таа би била неколкукратно повисока.

Од страна на Секторот за недозволена трговија со дрога до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против девет лица, вклучувајќи ги и двајцата албански државјани, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ казниво по член 215 став 3 од КЗ на РМ.

Во текот на денот осомничените ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка. Инаку, досега во рамки на Операцијата „Мрежа“ беа приведени околу 80 лица и беа запленети приближно половина тон на разни наркотици.