Промовирана нова организациона единица – Единица за ЈРМ и интервенции

Република Македонија е дел од модерните европски држави. Скопје како нејзин главен град не може да биде издвоен од која било европска метропола. Предизвиците со кои што се соочуваме во Скопје се предизвици со кои што се соочуваат жителите на сите поголеми градови. Затоа и средствата со кои што располагаме за справување со овие предизвици, цениме дека треба да бидат на ниво на средствата и новите методи и техники со кои располагаат нашите партнери од Европа. Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето денешно пригодно обраќање во Центарот за обука во Идризово а по повод промоцијата на новата Единица за јавен ред и мир и интервенции при СВР Скопје.

Јанкулоска потенцираше дека секаде во Европа и во регионот одамна се формирани вакви Единици пришто нивна основна задача е воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем со цел заштита на животот и имотот на граѓаните.

„Единицата за ЈРМ и интервенции ќе се грижи околу одржување на јавниот ред и мир на јавни собири од сите видови, почнувајќи од спортски и културни манифестации, најавени и ненајавени собири на граѓани (од типот на протести, митинзи, штајкови) и други форми на незадоволства на граѓани искажани преку организирани или неорганизирани јавни собирања“, нагласи министерката Јанкулоска.

download

Единицата за ЈРМ и интервенции, покрај вонредни, редовни, посебни обезбедувања, асистенции и спроводи, како што истакна министерката Јанкулоска ќе има задача да врши и редовни полициски работи на територијален принцип со покривање на рурални подрачја на Полициските станици од општа надлежност при Секторот за внатрешни работи Скопје, како и во урбаните средини со мотопатролни служби и пешачки патроли. Односно таа ќе биде подршка и на Полициските станици од општа надлежност во извршување на нивните секојдневни задачи како интервентна Единица.

„Годинава имаме позитивен тренд во однос на нарушувањата на јавниот ред и мир на подрачјето на Скопје. Имено, во првото тримесечие од 2014 година, регистрирани се вкупно 325 прекршоци од областа на ЈРМ за разлика од истиот период минатата година кога беа регистрирани 830 прекршоци.За 308 прекршоци веќе се поднесени барања за поведување прекршочна постапка против 415 лица, а лани бројот на пријавени лица во првиот квартал изнесуваше 1029“, посочи Јанкулоска.
 
Инаку Единицата за ЈРМ и интервенции е со посебна внатрешна организација, и опремена со специјална опрема за одржување и воспоставување на јавниот ред и мир и извршување на други посложени безбедносни задачи. Припадници на Единицата се селектирани полициски службеници од Одделенијата за општи патроли Исток, Запад и Југ, формирани 14.01.2011 година и од Полициските станици од општа надлежност, кои се со поминати обуки за одржување на ЈРМ на јавни собири и манифестации, воспоставување на нарушен ЈРМ, спречување на извршување кривични дела и прекршоци и откривање на извршителите. Во моментов во Единицата систематизирани се 207 работни места.