Дванаесетта ревија на песни, музика и игри на пензионерите

Дванаесеттото издание на Ревијата на песни, музика и игри на пензионерите вчера се одржа во Универзалната сала во Скопје. Манифестацијата на која секоја година учествуваат пензионери од сите градови во Република Македонија во континуитет ја афирмира македонската традиција и староградскиот фолклор.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето на отворањето на Ревијата на песни, музика и игри на пензионерите рече дека манифестацијата е одраз на силната желба на пензионерите, посветеност и длабока почит кон трајните вредности на културата како наше национално обележје. Таа упати благодарност до Сојузот на пензионерите и до сите 57 здруженија кои преку манифестацијата веќе 12 години даваат свој искрен придонес во негувањето на богатата македонска етнокореолошка традиција, староградскиот фолклор и изворното творештво.
015_penzioneri
„Ревијата на песни, музика и игри ги афирмира наследените вредности кои го потврдуваат нашиот културен идентитет и творечката автентичност на македонското поднебје. Ревијата е проект од национален интерес и е една од многубројните активности и програми на Сојузот на пензионерите со кои генерално се збогатува нашиот културен и јавен живот“, истакна Канческа Милевска.
Во изминатиот период, посочи министерката, Владата спроведе повеќе мерки со кои го подобривме статусот на пензионерите, а особено радува и податокот што со спроведувањето на дел од овие мерки се овозможи поголемо присуство на пензионерите во институциите од областа на културата. Порача дека институциите од областа на културата се отворени за сите граѓани на Македонија.
„Нема стабилна и перспективна иднина за државата без уметност, без култура. Затоа ќе посакам вашиот труд, вашиот придонес и во иднина да остане на македонската културна сцена како трајна вредност од која младите генерации ќе црпат чувство на припадност, на идентитет“, додаде Канческа Милевска.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски истакна дека Ревијата е од исклучителна важност за пензионерите во Македонија не само поради придонесот кој го има во зачувувањето на културната традиција со негување на фолклорот, туку е значајна и поради тоа што дава можност за дружење, социјализација и подолг и поквалитетен живот на пензионерите. Тој ја истакна одличната соработка која Град Скопје ја има остварено изминатите години со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Град Скопје и тоа преку заемно учество во реализацијата на разни програми и активности кои имаат за цел остварување на поквалитетен живот за пензионерите.

010_penzioneri

„Соработката на Град Скопје со Сојузот на здруженијата на пензионерите на Град Скопје продолжува и понатаму. Градот Скопје во рамки на своите можности ќе излегува во пресрет на барањата на пензионерите, ќе ги разгледува нивните предлози, сугестии и иницијативи и ќе работи на решавање на конкретни проблеми. Исто така ќе бара форми и ќе презема мерки кои ќе придонесат за збогатување на секојдневниот живот на пензионерите“, додаде Трајановски.

Претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски рече дека по шесте регионални ревии низ повеќе градови во Македонија денеска се одржува финалето кое го следат 1.500 гледачи, а ќе настапат околу 500 изведувачи од 35 здруженија на пензионери.

„Ќе настојуваме да го задоволиме критериумот кој го имаме, а тоа е секогаш да бидеме актуелни, да вратиме од заборав многу песни, посебно изворни песни, староградски песни итн. Сакаме да ја потврдиме одлуката на Министерството за култура оваа Ревија, а и регионалните ревии и годинава да бидат прогласени за национален интерес за културата на Република Македонија“, додаде Аргировски.