Загина велосипедист на патниот правец Струга-Охрид

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајната незгода што вчера во 16 часот и 20 минути се случи на магистралниот пат Струга-Подмоље во близина на охридскиот аеродром. 

Стојан Р. (56) од Струга кој на магистралниот пат од Струга кон Подмоље управувал велосипед, на лице место им подлегнал на повредите. 

Сообраќајната незгода се случила во момент кога патничкото моторно возило марка „Пежо“ со охридски регистарски таблици управувано од Н.Ј. (37) од охридското село Оровник во правец од Струга кон Подмоље,  со предниот дел удрило во велосипедот управуван од сега починатиот. На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од основниот суд во Охрид, судски вештак како и полициски екипи од охридската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај. За време на увидот, немаше застој во сообраќајот односно се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила. 

Дополнително, врз телото на починатиот ќе се изврши обдукција, ќе има вештачење и технички преглед на велосипедот и патничкото моторно возило.