СДСМ Дебарца: Патиштата и јавните површини во Дебарца обраснати со трева

Центарот за комуникации при ОО СДСМ Дебарца, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:

„И покрај големите ветувања на новата локална власт во општина Дебарца и пред се на новото раководство на Јавното комунално претпријатие „Дебрца“ дека ќе ја подобрат состојбата со јавната чистота во општината состојбата ни оддалеку не е таква. Сите општински патишта, улиците и јавните површини во населените места се покриени со трева, со што е доведено во прашање безбедното одвивање на сообраќајот, односно нормалното функционирање на  јавните површини за основните намени. Граѓаните со сметките за комунален отпад плаќаат надоместок за јавна чистота, а за возврат не добиваат ништо. Јавното претпријатие изминатата година наголемо се рекламираше дека обезбедило нова опрема, а состојбата на терен  на планот на јавната чистота е загрижувачка. Ваквата состојба е речиси иста во сите населени места. Сепак како најеклатантен пример ќе го посочиме селото Мешеишта, во кое до ланската година за јавната чистота, а посебно за чистењето на крајпатната вегетација и одржувањето на јавните површини беспрекорно се грижеше самата месна заедница. Денес состојбата во Мешеишта е катастрофална, кое нешто е видно од фотографиите.

Апелираме до одговорните во Јавното претпријатие наместо со популистичка пропаганда на која бевме сведоци во изминатиот период многу повеќе да се зафатат со работа. Впрочем за тоа се платени, од граѓаните на општината.“- се вели во соопштението на Центарот за комуникации ОО СДСМ Дебарца.