Просечната оценка од екстерното тестирање годинава е повисока во однос на минатата година

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, на прес-конференција информираше за постигнатите резултати од екстерното тестирање на учениците од 4то одделение во основно образование до 3та година во средно образование, коишто беа тестирани во периодот од 2 до 10 јуни. Адеми истакна дека просечната оценка од годинешното екстерно тестирање е 3,63, што е за 0,38 процентни поени повисока во однос на лани, кога изнесуваше 3,25.

„Најдобра просечна оценка е постигната по предметот етика на религиите – 4,42, додека најслаби се резултатите по предметот технологија на обработка, 2,37. Одделно по училишта, земајќи го во предвид бројот на ученици во секое од нив, најдобри резултати, односно просек од 4,94 постигнаа учениците од основното училиште “Гоце Делчев“ во Скопје, општина Центар, додека најслаби резултати постигнаа учениците од подрачното основно училиште “Сандо Масев“ во с. Баница, општина Струмица со просечни постигнувања од 1,93. Додека, од средните училишта најдобри резултати постигнаа учениците од СУГС “Орце Николов“ – Скопје, со просек од 4,57, а најслаби резултати постигнаа учениците од СОТУ “Ѓоце Стојчески“ – Тетово, со просек 2,03“, рече Адеми.

Учениците можат да се информираат за добиените оценки во училиштата, каде веќе се истакнати резултатите од екстерното тестирање.

„Практично од вчера, резултатите се истакнати во сите, вкупно 680 основни и средни училишта. Сите ученици можат да ги погледнат оценките кои ги добиле по соодветните предмети и почнувајќи од денес, а заклучно со 27 јуни, петок, можат да поднесуваат приговори до училишната комисија, која истите ќе ги проследува до Државниот испитен центар во чија надлежност е носењето на конечната одлука“, рече Адеми.

Учениците кои од оправдани причини во јуни не ги полагале двата предмети, или полагале само еден, ќе бидат тестирани во августовската сесија. За терминот на полагање и за предметите по кои ќе бидат тестирани, ќе бидат дополнително известени.