Врнежите ги одложија алергиите

Долгите врнежи го одолжија периодот во кој „владеат“ алергиите, особено оние на полен, липа и трева. Тие може да се јават во кој било период од животот, а само поленските мачат околу 30 проценти од граѓаните.

Најчесто се јавуваат кај деца и млади, а бројот на болните се зголемува од година на година. Полен, особено липа и трева се најчестите алергени што во овој период предизвикуваат проблеми кај здравјето на многу од граѓаните.

Долгите врнежи, велат професорите на медицина, го одолжија периодот во кој „владеат“ алергиите, кои може да предизвикаат релативно полесни симптоми како кивавица, чешање, пецкање, црвенило на очите. Меѓутоа, алергиите може да доведат и до тешки и драматични симптоми како кашлање, задушување и затегање во градниот кош. Алергиите најчесто се откриваат откако пациентот ќе посети лекар поради настинка што никако не поминува. Настинките, објаснуваат лекарите, се вообичаени за есенскиот и за зимскиот период, поминуваат за 7-10 дена и не предизвикуваат сериозни компликации. Алергиите, пак, може да се случат во секој период од годината и може да траат и со месеци. Најтешката форма на поленска алергија е астматична реакција на организмот. На алергијата ѝ годи нискиот имунитет. Кај 40-60 проценти, особено кај младите, што имаат поленска алергија на горните дишни патишта со текот на годините може да добијат и поленска астма, ако не се контролираат и превенираат симптомите. Кај децата може да се јават и кожни реакции.Алергените се лепат и на облеката и на телото, па алергичните лица треба да ја менуваат гардеробата и да се истушираат штом ќе се вратат дома. Кога некој ќе добие алергија, се менува имунолошкиот систем, кој станува пречувствителен на материи од околината и претерано реагира на супстанции што инаку се безопасни.Како главен виновник за алергиите лекарите го сметаат аерозагадувањето. Загадувачите ги инфицираат полените, а тие потоа прават проблем кај луѓето.

Извор: Нет Прес