Од утре стартува времена измена на режим на сообраќај на државните патишта во Македонија

Oд Министерството за транспорт и врски известуваат дека се воведува времена измена на режим на сообраќај на државните патишта во Република Македонија, во период од 01.07 до 31.08 секоја тековна година. Се забранува сообраќај на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Забраната за деновите од викендот е: во петок од 17:00 до 22:00 часот; сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот. Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство за здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот. Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта. За регулирање на сообраќајот и воспоставување на изменетиот режим, поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.