Поддршка за инвестиции, повеќе стипендии за македонски студенти

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, и членовите на владината делегација денеска (понеделник, 30.06.2014 година) во Токио, во рамките на официјалната посета на Јапонија, остварија средба со влијателни членови на јапонскиот Парламент кои ги предводеше г-дин Такао Макино кој ја врши и функцијата заменик министер за надворешни работи на Царството Јапонија.

Двете страни изразија задоволство од политичките односи и изразија подготвеност за продлабочување на односите на полето на општествените сфери, образование и здравство.

Беше истакната и подготвеност за унапредување на економските односи помеѓу двете земји.

Двете страни истакнаа подготвеност за продолжување на унапредување и на парламентарната соработка помеѓу двете земји, за која цел ќе се стави засилен ангажман на процесот на креирање на група за соработка со Република Македонија во рамките на јапонскиот Парламент со што би се проширила и основата за креирање на соработка во разни области.

Јапонскиот парламентарец и заменик министер за надворешни работи Макино го информираше премиерот Груевски дека Јапонија ќе го зголеми бројот на јапонски стипендии за македонските студенти за студирање на постдипломски студии на јапонските државни и приватни универзитети.

Премиерот Груевски ја истакна нашата заложба за унапредување на односите на полето на образованието, при што истакна дека македонската Влада е подготвена да стипендира јапонски студенти кои би имале интерес за студии на Универзитетот за информатички технологии „Свети Апостол Павле“.

Соговорниците разговараа и за можностите за унапредување на соработката на полето на јавното здравство.