Спортската академија од учебната 2015/2016 година прераснува во државно средно училиште

Постојните експериметални паралелки по спортовите фудбал, кошарка, ракомет и тенис во Државното средно училиште за физичка култура „Методија Митевски – Брицо“, како и дисперзираните паралелки во 7 други општини – Охрид, Прилеп, Битола, Струмица, Штип, Велес и Гостивар, од учебната 2015/2016 година, ќе бидат дел од новото државно училиште, за чие формирање Владата на Република Македнија донесе одлука  на последната седница, изјави на прес конференција, министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.

„Условите за запишување во новото државно средно училиште „Спортска Академија“, ќе бидат истите според кои и досега се запишуваа учениците, односно секој кандидат ќе мора да помине низ фазата на тестирање, според критериумите зададени за секој спорт одделно. Проверката на спортските способност и понатаму ќе ја вршат членови на спортските федерации и претставници на Министерството за образование и наука“, потенцираше министерот Адеми, напоменувајќи дека за секој селектиран ученик, согласно и досегашната пракса, соодветната федерација ќе обезбедува спортска опрема и превоз до местото на одржување на тренинзите, а за учениците кои доаѓаат од место на живеење надвор од општината каде се изведува наставата, ќе се обезбедува сместување во ученички домови.  

Министерот Адеми, истакна дека на иницијатива на Владата на Република Македонија пред 2 години започна имплементацијата на проектот наречен Спортска академија, чијашто цел е преку посебно обликуван образовен процес, со изразен акцент и поголема застапеност на практичниот дел, односно тренингот, учениците да се оспособуваат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да бидат членови на националните спортски селекции. 

„Тоа значи образување и формирање на врвни  спортисти од Македонија, препознатливи по начинот на играта, соработката и почитувањето на олимписките вредности и идеали“, истакна министерот Адеми.

Во однос на полагањето на државната матура, учениците во Спортската академија и понатаму  ќе бидат дел од овој процесот,  односно ќе можат да одлучуваат дали да полагаат државна матура или пак ќе одберат училишна матура. 

„Оние ученици кои ќе се определат за полагање на државна матура ќе можат своето образование да го продолжат на додипломски студии на високообразовните установи“, рече Адеми.