Средба со претставници на Стопанска Комора на Македонија – Турција МАТТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов,вчера прими претставници на Стопанска Комора на Македонија – Турција МАТТО, предводени од нивниот претседател г. Туна Ејуп Кахвеџи.

На средбата беа разменети мислења во однос на придобивките за турските компании од инвестирањето во Република Македонија, можноста за заеднички настапи на македонски и на турски фирми на трети пазари, како и продлабочување на економската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, преку конкретни инвестиции и преку зголемување на трговската размена.

Претседателот Иванов, ги поздрави напорите за зајакнување на бизнис врските меѓу двете држави, како и успешноста на досега реализираните инвестиции и економската соработка, надополнувајќи дека тие се во интерес на унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји. Во тој контекст, претседателот Иванов ги потврди неговите заложби за натамошна поддршка и поттикнување на идните активности на МАТТО во Република Македонија.

Честитајќи им го верскиот празник Рамазан на соговорниците, претседателот Иванов истакна дека високо го цени придонесот на сите етнички заедници кон нашиот културен и општествен напредок, со надеж дека припадниците на турската заедница во Република Македонија и во идинина ќе продолжат да ја негуваат турската традиција, и со својата богата култура да придонесуваат за просперитетна иднина и благосостојба на сите граѓани на Република Македонија.

MATTO

Г. Туна Ејуп Кахвеџи и претставниците на МАТТО, се заблагодарија за средбата со претседателот Иванов, изразија задоволство од можноста да ги презентираат досега спроведените, тековните активности и плановите за во иднина, истакнувајќи дека особено ја ценат континуираната поддршка и личните заложби на претседателот Иванов, за нивна успешна реализација. Како што истакна раководството на МАТТО, денешната средба со претседателот Иванов, воедно е доказ за пријателството меѓу двете земји, но и потврда за подготвеноста на институциите во Република Македонија за натамошна соработка со комората.

Стопанска комора на Македонија-Турција МАТТО, е основана во 2008 година, и досега брои 88 фирми членки од Република Македонија и од Република Турција. Една од главните цели на комората е ефикасно стопанисување во пазарни услови, успешно вклучување на македонскиот и турскиот пазар, како и поттикнување на развојот на претприемништво кај нејзините членови, со цел за подобрување на резултатите на работењето и организираноста на членовите на комората.