Италија, Германија и Франција со најуспешни кајакари се враќаат од Европското во Македонија

Четиристотини кајакари и кајакарки, стручни штабови и навивачи кои ги бодреа своите миленици, тоа беше сликата на Матка изминативе четири дена, за време на одржувањето на Европското првенство во кајак на диви води за јуниори и сениори до 23 години. Организацијата, според очекувањата помина во најдобар ред, а натпреварувачите задоволни од она што им го понуди една од најнепредвидливите кајак патеки во Европа, со позитивни импресии се вратија во своите матични држави.

„Слободно можам да кажам дека ова е едно од најдобро организираните првенства во кајак за јуниори и морам да им честитам на македонските домаќини кои завршија одлична работа. Нека ова биде основа на македонската кајакарска федерација за уште поуспешни остварувања како во јуниорска, така и во сениорска категорија“ – изјави Алберт Вуц, претседател на европската кајакарска федерација, на официјалнто затварање на првенството.

Натпреварите во машка конкуренција беа распоредени во три категории К1, Ц1 и Ц2 за јуниори и сениори до 23 години каде најуспешни беа Германците, Италијанците и Русите, додека во женска конкуренција во категориите К1 и Ц1 доминираа Чехињите. На Европското првенство учествуваа вкупно 400 натпреварувачи од 27 земји, а македонската репрезентација имаше 7 натпреварувачи, меѓу кој 6 мажи и 1 девојче кои за неколку стотинки не се пласираа во полуфиналето.

„Огромна чест е да се добие можност да се биде домаќин на ваков голем настан од европски карактер. Македонија има капацитет, а со ова европско и докажавме, дека можеме да се носиме со европските земји и да бидеме добри домаќини. Драго ми е што имавме толку многу врвни кајакари изминативе денови и гледавме вистински професионални вештини презентирани од младите луѓе кои се бореа за своите медаљи. Им честитам на европските прваци и им посакувам успешни професионални кариери.“ – истакна престедателот на македонската кајакарска федерација, Марјан Најдановски, кој им додели благодарници на европските преставници, а воедно и доби плакета од европската кајакарска федерација за успешна организација на ова европско првенство.

Со спуштањето на знамето на европската кајакарска федерација и предавање на претседателот се затвори и ова европско. Наредната година европското се случува во Краков, Полска, каде што ќе се натпреваруваат младите кајакари.