Пунктови за бесплатни превентивни прегледи и во Охрид

Пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време од денеска ќе бидат поставени на повеќе локации во Скопје и во останатите градови. Пунтовите се поставуваат во рамки на програмата „Здравје за сите“ на Министерството за здравство, а во соработка со Здравствен дом-Скопје и останатите здравствени домови во државата. Прегледите во Скопје ќе ги вршат медицински екипи од ЈЗУ „Здравствен дом Скопје“, а во другите градови медицински екипи од тамошните здравствени домови.

На пунктовите граѓаните ќе се информираат од медицинските лица за заштита од високи температури, ќе добиваат препораки за здрави животни навики и мерење крвен притисок, како ризик-фактор за кардиоваскуларни заболувања. Во текот на акциите на граѓаните им биде поделен и печатен материјал во форма на брошури за превенција од топлотни бранови, кои се достапни во Центрите за јавно здравје.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес- конференција рече дека сите здравствени домови се веќе информирани дека од денеска треба да почнат со организирање пункт за бесплатни превентивни прегледи и со совети за превенција од топлото време. Здравствените домови во секој град, посочи тој, ќе организираат по една акција за бесплатни превентивни прегледи дневно (со исклучок на Скопје, каде ќе бидат поставени три пункта), и тоа на прометни локации низ градовите, како што се парковите и плоштадите.

Прегледите ќе се вршат секој ден, вклучувајќи и сабота и недела (освен празник) во периодот од 18:30 до 21:30 часот во 33 градови и тоа: Скопје, Велес, Крушево, Куманово, Радовиш, Прилеп, Неготино, Пробиштип, Ресен, Виница, Берово, Демир Хисар, Пехчево, Кратово, Охрид, Делчево, Кочани, Гостивар, Ростуше, Струга, Гевгелија, Струмица, Кавадарци, Македонски Брод, Кичево, Тетово, Свети Николе, Вевчани, Штип, Валандово, Дебар, Битола, Крива Паланка, истакна Тодоров.

Појасни дека според планот за изведување на акцијата, ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје поставува три пункта дневно, кои се организирани на тој начин што ќе има еден статичен пункт во Центар-локација на Кејот на Вардар (зад Владата) и по два мобилни кои се распоредени во општините во градот Скопје со однапред предвидена динамика: Ѓорче Петров и Драчево, Карпош и Аеродром, Центар и Бутел, Чаир и Кисела Вода, Шуто Оризари и Гази Баба.

„Досегашното искуство од организирањето вакви акции покажува дека граѓаните масовно ги посетуваат овие пунктови, бидејќи во исто време добиваат и преглед и здравствен совет за тоа како да се грижат за своето здравје. Со овие прегледи постои можност за навремено откривање на ризик факторите за кардиоваскуларни заболувања, и останати заболувања, а истовремено тие претставуваат и поттик за навремено и редовно вршење преглед кај својот матичен лекар“, потенцира Тодоров.

Минатата година, на територијата на град Скопје, нагласи министерот, пунктовите ги посетиле вкупно 12.557 граѓани кои подигнале промотивен материјал за заштита од топлотни бранови и здрав начин на живот, на 7.353 лица им бил измерен крвен притисок, 454 лица веднаш биле упатени на матичен лекар заради зголемен притисок, а како итни случаи 42 лица се испратени во Градската општа болница „8 Септември“-Скопје на натамошни испитувања.

Тој истакна дека целта на акциите е подигнување на личната здравствена свест за самогрижа и почитување на препораките за заштита од топлотен бран, како и намалување на повиците кон Службата за итна помош во однос на изминатите лета.

„Најголем бенефит од акциите за превентивни прегледи е што граѓаните од стручни лица добиваат совети за здрави стилови на живот, здрава исхрана, а кај лицата кај кои ќе се утврдат повисоки вредности се советуваат да се јават кај својот матичен лекар за натамошни прегледи. Сериозно сме посветени на превенцијата на сите нивоа на здравствена заштита, препорачана од СЗО и претставува тренд во современите здравствени системи. Овие прегледи покрај превенцијата, овозможуваат и унапредување на здравствената култура на населението“, додаде Тодоров.

Директорот на Здравствен дом – Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ истакна дека во 2012 година во првата половина на август имало околу 80 повици во службата за Итна медицинска помош, а минатата година (на 24 јули почнаа пунтовите), во првата половина на август имало по 50 повици.

„Превенцијата си го направи своето. Граѓаните ги почитуваа препораките за заштита од високите температури и бележевме незначителен број колапси“, додаде Баевска Вучковиќ.

Раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство, Јованка Костовска рече дека иако се уште е зелена фаза температурите се високи и може да им направат проблем на граѓаните, посебно на хронично болните лица.

Посочи дека во сила се препораките за целото население, а посебно за постарите лица кои без потреба не треба да излегуваат надвор во периодот од 11 до 17 часот.

„Доколку мора да излезат надвор треба да носат лесна облека, заштитна шапка, очила и да престојуваат во сенка или во климатизирана просторија. Треба да се употребува лесна храна, повеќе течности, да се избегнува алкохол и газирани пијалаци, а хронично болните редовно да ја земаат својата терапија. Пред влегување во возило тоа треба добро да се проветри бидејќи тие шокови, високи температури може да доведат до колапс. Да се консумира безбедна храна и вода за пиење со оглед на тоа што високите темпепратури може да придонесат лесно расипливата храна да доведе до труење“, додаде Костовска.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа колку екипи на Итната медицинска помош работат во текот на летото и се на располагање на територијата на град Скопје, Баевска Вучковиќ рече дека секојдневно на терен има 16 екипи.

„Нема зголемен број повици во Службата за Итна медицинска помош. Вчера имаше 87 повици кон Службата за Итна медицинска помош. Дневно има од три до пет мозочни удари и тоа главно кај хронично болни и кај повозрасни лица. Дневно има од два до три колапси“, додаде Баевска Вучковиќ.