Јанкуловска: Мазова не потсетува на богатата историја на „Охридско лето“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ синоќа беше претставена книгата „Отворен круг“ од театарскиот критичар и новинар Лилјана Мазова.

Директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска, претставувајќи го ова ново дело во кое се содржани исклучително вредни актери од македонската театарска сцена од различни генерации, истакна дека Мазова е долгогодишен сведок и чинител на театарските случувања во земјава, но и на фестивалот „Охридско лето“.

„По секоја театарска престава, најважниот момент за нас се објавите во медиумите кои не’ мотивираат да продолжиме по патот на успехот, но и не корегираат онаму каде има потреба да се поправиме. Токму нејзините рецензии, нејзините театарски критики,  во кои јасно се опфаќа нејзината отвореност, во многу прилики биле наш патоказ до каде сме стигнале и по кој пат треба да се движиме. Ме радува тоа што оваа книга е исполнета токму со актери претстави и настани поврзани со Охридско лето. Тоа не’ потсетува на богатата театарска историја што ја има „Охридско лето“ но и укажува дека оваа сцена е создадена само за најдобрите“, рече Јанкуловска.

liljana mazova 5

Според Јанкуловска, книгата „Отворен круг“ ќе биде сведоштво за сите случувања и ќе ја збогати полувековната меморија на збиднувањата и настаните.

 „Токму преку неа, театарската публика ќе ни стане уште поблиска. Од друга страна, денешното претставување на оваа книга е само доказ дека го остваруваме ветеното. Најавивме дека фестивалската програма ќе има нови содржини кои ќе го збогатуваат највредното културно дело на Македонија, Охридско лето“, додаде директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.

liljana mazova 6

За делото на Мазова говореше и актерот Драган Спасов –Дац, кој и самиот е дел од „Отворениот круг“.