Министерката за култура во посета на Албанскиот театар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и државниот секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехаби, денеска го посетија Албанскиот театар во Скопје каде што е во тек реконструкцијата на објектот, која се очекува да биде завршена во септември следната година.

Канческа-Милевска изрази задоволство од динамиката со која се реализира реконструкцијата на објектот и информираше дека наесен, во октомври или ноември, оваа институција ќе добие нова фасада, покривна конструкција и нови прозорци, по што ќе продолжи уредувањето на внатрешноста на објектот.  

„Се работи за корисна површина од над 4.300 квадратни метри. Влезот ќе биде поголем, а објектот ќе ги има и двете сали што постоеја и претходно. Сценската технологија и она што ќе биде вградено, како и досега, ќе биде од најврвните светски технологии, и аудио и видеоопрема и технологија“ – рече Канческа-Милевска.

Директорот на Албанскиот театар, Адем Карага, истакна дека работат во Театар „Комедија“ и додаде оти ги изведуваат претставите од редовниот репертоар.

„Ова е прв голем зафат за целосна реконструкција на Театарот, од самото отворање, речиси 40 години од постоењето на оваа зграда“ – рече Карага.  

Реконструкцијата на Албанскиот театар почна во јануари, но поради временските услови, продолжи поинтензивно од април годинава. За реконструкцијата, која според договорот изнесува околу 492 милиона денари или околу 8 милиони евра, задолжена е италијанската фирма „Ламоне Мореда“.

Се реконструираат 4.300 квадратни метри. Од објектот остануваат само темелите и надворешните ѕидови, а во внатрешноста се интервенира насекаде – на сцената, инсталациите, машинството…

01a_rekonstrukcija