„Ждрело“ -урбана бајка утревечер на „Охридско лето“

„Ждрело“ е театарската претстава на Драмски театар од Скопје што премиерно ќе биде изведена утревечер на фестивалот „Охридско лето“ во центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

Претставата е работена според текст на Жанина Мирчевска, а е во режија на Зоја Бузалковска. Сценограф еЉупчо Јованов, костимограф Лила Грабул, кореограф Кренаре Невзати Кери, а музиката ја напиша Огнен Анастасовски.

Според селекторот на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“  Ѓорѓи Јолевски:, Драмски театар се грижи за промовирање на македонските текстови, и како што рече, годинава доаѓа на фестивалот со една урбана бајка, со еден орвеловски свет и трагикомична фарса. 

„Оваа тема е една од суштинските теми за секој театар.Исклучително необична претстава којашто е некаков вид на рефлексија на постмодерната на 80-те која во некакво ново руво  доаѓа на сцената на Драмски театар“-изјави Јолевски.

Директорот на Драмски театар Скопје Роберт Вељановски истакна дека интенцијата на оваа установа е да се биде дел од сериозните случувања на македонската културна сцена.

„Од друга страна, не постои национален театар без национална драма. Оттука Драмски театар секоја година изведува драмски текстови на домашни автори. Драмски театар промовирал големи имиња на македонската драматика, и следејќи го концептот на театарот, во еден континуитет, и годинава Жанина Мирчевска која не живее во Македонија, но ја имаме за своја, ќе биде со нас. Се разбира, и следната година ќе имаме домашен автор и македонски драмски текст  кој можеби повторно ќе биде прикажан и на следното издание на „Охридско лето““– рече Вељановски.

За режисерката Зоја Бузалковска, „Ждрело“ е  прва премиера на „Охридско лето“ иако досега  има учествувано за фестивалот со руски театар.

 „Огромна чест е да работам на текст од Жанина Мирчевска. Мислам дека Жанина треба почесто да се поставува на нашите сцени зашто е еден драгоцен автор со многу оригинален и специфичен стил.Жанрот што таа го дефинира во овој текст е трагикомична фарса, што е практично мешање на најмалку два, ако не и четири жанра. Значи еден доста сложен материјал и во таа смисла на зборот, возбудлива изведба за режирање и за играње, и поради тоа беше потребно да се создаде еден добар и силен тим“– рече Бузалковска.

Претсвата „Ждрело“ се занимава со лакомоста, со алчноста како компензација за нешто што не е добиено. Се работи за страшно актуелен текст со универзално значење и се однесува на секоја урбана средина на планетата.

Актерот Рубенс Муратовски во претставата нема име, односно се нарекува човекот што изеде се, па дури и своето име.

„Ова е најнеобичниот процес што сум го имал досега, најтешкиот  во убава смисла ако постои такво нешто.  Исклучително тешко е да се навлезе во драматиката на Жанина Мирчевска. Таа навистина е многу посебна во пишувањето.Јас навистина многу брзо учам текст, но примањето  на текстот како дел од мојот ДНК одеше многу потешко затоа што Жанина е посебна. Но сето тоа придонесе за навлегување, подлабоко и подлабоко во ср’жта на она што сакала да го напише“- смета Муратовски.

Улогата на убавицата Амелија, добро и дошла и на актерката Трајанка Илиева-Таци.

„Јас сум веќе седум години вработена во Драмски театар. По толку години ми требаше една ваква улога која заслужува посебна работа и посветеност. Имавме феноменален процес на соработка со целиот тим и консктруктивни проби“-рече Илиева.

Актерот Диме Илиев кој ја игра улогата на советникот Едвард, не сакаше до крај да го разоткрие својот лик.

 „На крајот светникот излегува  можеби идиот, еден страшен човек кому се што му лежело, на крајот и го разоткрил“, кажа Илиев.

Како што беше речено на денешната прес-конференција станува збор за театарска претстава која можеби е прва во Македонија која 28 дена пред нејзиното премиерно прикажување имаше комплетна сценографија.

Драмски театар од Скопје втора година по ред настапува со премиерна изведба на „Охридско лето“. Минатата година ја играше претставата „Кавкаски круг со креда“.