НОВ во македонската литература – Борба трајно овенчана

Делата(поезијата и прозата) на македонските писатели С.Јаневски, Б.Конески, А.Шопов, В.Малески, В.Николески и др.станаа сопственост на сите генерации што растат во слободата. Некои дела беа и филмувани…

НОВ во македонската литература зазема доминантно место подеднакво во поезијата и во прозата. Нема писател од сите генерации којшто не се искажа на еден или друг начин и не ја воспеа НОАВМ, но не како тирада или апологетство, туку како суштина на нашето битие и борбата за слобода, зашто за прв пат во својата многувековна историја, македонскиот народ сам си ја извојува и борбата и слободата и државноста.

Далеку би не одвело набројувањето на сите македонски писатели кои пишувале за НОВ, но ќе споменеме само мал број, колку да го потврдиме она што погоре го напишавме дека и тие (а некои и самите активни учесници во НОВ), во слободата и посветија на таа  борба достојно внимание и испишаа благородни и благодатни страници.

Најдобар пример за тоа е и фактот дека првите печатени книги на македонскиот литературен јазик во слободна Македонија беа точно посветени на НОВ, а тоа се збирките раскази „Блокада“ и „Растрел“ од Јован Бошковски,објавени во 1947 год., а потоа дојдоа и другите дела. Со воодушевување беше пречекана и збирката раскази „Ѓурѓина алова“ од Владо Малески, којшто целиот свој литературен опус го посвети на НОВ, во кој и самиот активно учествуваше(романите „Она што беше небо“ и „Разбој“),а по неговиот расказ „Фросина и синот“ снимен е првиот македонски игран филм.

Со романи и раскази се јавија уште и Славко Јаневски(„И бол и бес“и „Две марии“, по кого е снимен филмот „Јазол“), потоа Јордан Леов со своите романи „Виор“ и „Глуви мугри“, во кои ги опишува преломните состојби во нашата НОВ, додека писателот Симон Дракул, кој што и припаѓа на втората генерација македонски писатели го напиша романот „И звездите паѓаат сами“и драмата „Немирна рудина“, исто така посветени на НОВ, додека пак писателот Димитар Солев ги објави романите „Под усвитенос“ посветен на скоевската акција и убиството на бугарскиот агент Мане Мечков во Скопје(по ова дело е снимен играниот филм „Истрел“) и романот „Дрен“ посветен на првоборецот Антески-Дрен,како и повеќе раскази…

Да додадеме уште:борбата(од 1941 до 1949 год.) на македонскиот народ од Егејска Македонија, исто така најде изблик во делата на прозаистите и поетите Ташко Георгиески, Петар Ширилов, Иван Чаповски, Ристо Јачев, Ката Мисиркова-Руменова и др.

Напишавме, просторот е ограничен, затоа само ќе потсетам уште на блескотната поезија на Блаже Конески, Ацо Шопов, Гого Ивановски, Србо Ивановски како и на Васил Куновски, Ванчо Николески ( го напиша првиот македонски роман за деца „Волшебното самарче“,посветен на НОВ и објавен во 1958 год.), Видое Подгорец, Глигор Поповски и други во литературата за деца.

Генерациите што растеа и растат во оваа наша слобода имаа прилика да се напојуваат и инспирираат од испишаните литературни страници посветени на македонската борба за слобода, величествената НОАВМ.

Т. А.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.