Дејановиќ прв Македонец на К2

Здравко Дејановиќ се искачи на К2, вториот највисок врв на светот – 8.611 метри, и стана првиот Македонец кому му успеало тоа, информираат од Федерацијата за планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), кои неговото враќање во Македонија го очекуваат за десетина дена.

К2 е вториот врв во светот по височина и втор најсмртоносен (по Анапурна 1), бидејќи секој четврти обид за искачување на него завршува смртоносно.

Дејановиќ и лани се обиде да се искачи на К2, но временските услови не му го дозволија тоа и тогаш успеа да стигне до 7.300 метри. Годинава имаше среќа иако К2 не му беше прва опција за искачување туку Анапурна 1 (8.091 метар).

Дејановиќ во мај 2010 година се искачи и на највисокиот врв во светот Монт Еверест (8.848 метри).

Со тоа Здравко Дејановиќ влегува во историјата на македонскиот алпинизам како еден од малкумината кои со храбро срце излегоа во предизвик на временските услови и патешествија во алпинизмот. Несомнено неговиот придонес го става во врвот на најдобрите алпинисти на Македонија.