Два нови државни рекорди на Анастасија Богдановски

Два нови апсолутни рекорди на Македонија постигна Анастасија Богдановски на пливачкиот митинг во Сент Морис, САД. Во двата случаи ги подобруваше сопствените најдобри времиња на патеките од 100 и 200 метри слободно.

На вториот ден од Првенството на Мериленд во долги базени, по вчерашната победа на „стотка“ со државен рекорд и со остварена норма за Светското првенство во Казан 2015 година, Ана победи и на 200 метри слободно со време од 2:01,92 минути, со што за повеќе од една секунда го подобри рекордот што беше во нејзина сопственост – 2:03,11 минути.

Покрај освоеното злато во поединечна кокуренција, нешто подоцна падна рекордот и од вчера – 56,50 секунди. Како членка на штафетата 4 по 100 метри слободно Богдановски за 14 стотинки го подобри сопственото реркордно остварување. Новиот државен рекорд на 100 слободно сега е 56,36 секунди.

Богдановски на ова првство ќе плива уште и во дисциплините 50 слободно и 100 грбно, и со оглед на формата во која се наоѓа, нема да изненади ако постави уште некое најдобро остварувањa.