Ставено во употреба повеќенаменското спортско игралиште во Лескајца

На пригодна свеченост пред бројни охриѓани синоќа Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го стави во употреба повеќенаменското спортско игралиште кое се наоѓа во населбата Лескајца наспроти детската градинка. Игралиштето е опремено со детски реквизити, кош кој е поставен на површина која има заштитна гумена подлога и мини фонтана. Паркот кој е во рамки на игралиштето е хортикултурно опремен. Пристапните патеки кои водат до игралиштето се поплочени со бехатон плочки, а теренот е комплетно асфалтиран.

„Овој парк вклучува игралиште за кошарка, едно игралиште со детски реквизити и еден мини парк. Ова е еден вид најава за проектот кој подолго време го осмислувавме во Локалната самоуправа за изградба на 30 тина вакви места на претходно определени локации. Целта на отворањето на ваквите игралишта не е само осмислување на просторот и внесување содржина во него туку и намерата ни е децата да ги вратиме на маалските игри и тргнеме од компјутерите“. – изјави синоќа Градоначалникот Бакрачески кој заедно со своите сограѓани во пријатна атмосфера одигра една партија баскет.

Во градежните активности на повеќе наменското игралиште беа вклучени сите јавни претпријатија од градов и проектот е целосно финансиран од буџетот на општина Охрид.

„Она што посебно радува во оваа приказна е тоа што се осврнавме на сопствени кадри, на начинот на организацијата и сите работи околу изградба и проектирања на овој мултифункционален парк беа изведени од страна на локалната самоуправи и јавните локални претпријатија, тоа е факт што посебно радува. Јавните охридски претпријатија покажаа дека имаат капацитет да се носат и со големи проекти со кои ќе го осмислуваме градот“. – додаде градоначалникот Бакрачески.

Ова повеќенаменско спортско игралиште е дел од програмата на градоначалникот Никола Бакрачески, според која на овој потег беше планирана изградба на игралиште од ваков тип.