До Бигорски по новоасфалтиран и поширок пат

Приодот кон Бигорскиот манастир од магистралниот патен правец Маврови Анови – Дебар од денеска е поширок и со нов асфалт. Со олеснувањето на приодот кон ова светилиште, направена е и санација на еден потпорорен ѕид со што е спречено лизгање на земјиштетото.

За вицепремиерот Владимир Пешески, кој присуствуваше на свеченото предавање на патот, покрај изградбата на автопатиштата, од голема важност е и обновата и изградбата на локалните и регионалните патишта со што се олеснува секојдневното живеење.

„Во делот на обезбедување подобри патни услуги, можам да кажам дека ова што сега се случува е своевидна ренесанса. Покрај инвестирањето на автопатната мрежа, Владата паралелно работи и на подобрување на локалната патна инфраструктура. Од 2010 година, па до денес, изградени се 640 километри локална патна мрежа во која со планот за наредната година, ќе бидат инвестирани околу 60 милиони евра“, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Градоначалникот на Маврово Ростуше, Мукрим Мехмеди истакна дека добрата соработка со Јавното претпријатие за државни патишта се докажува со инвестициите во локалните патишта низ општината, како што е овој.

Љупчо Георгиевски, директор на ЈП државни патишта, нагласи дека за обнова и проширување на патот до манастирот Св. Јован Бигорски се инвестирани девет милиони денари, пари обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој.

Според игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, реконструкцијата на кракот кој води до самото светилиште, ќе биде од голема корист како за монашкото братство, така и за посетителите и верниците, кои во иднина полесно ќе доаѓаат.