Меѓународен ракометен турнир „Струга 2014“

Со ревијален натпревар меѓу домаќинот Струга и екипата на Металург – јуниор (24:25) на ракометното игралиште „Женска плажа“ во Струга вечерва почна 42. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2014“.

По свеченото отворање силите ќе ги одмерат екипите на македонскиот шампион и минатогодишен освојувач на трофејот Металург и францускиот прволигаш Кретеј. Потоа ќе играат српскиот претставник Металопластика и рускиот вицешампион Сант Петерсбург.

Изразувајќи задоволство за продолжувањето на традицијата, турнирот за отворен го прогласи директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, според кој, екипите кои учествуваат на годинашното издание говорат за квалитетот и силината на натпреварувањето.

„Да се биде денес во Струга значи да се биде присутен на едно од најголемите ракометни случувања пред почетокот на ракометната сезона во Европа. Турнирот кој има 42-годишна традиција и годинава ја става Струга во центарот на вниманието на ракометните љубители ширум Европа, а Република Македонија уште еднаш ќе се најде на европската ракометна мапа“, истакна Спасески.

Агенцијата за млади и спорт, нагласи тој, е главниот поддржувач и покровител на Меѓународниот ракометен турнир „Струга 2014“, со ветување дека ќе продоложи и во иднина.

„Ова го говорам пред се зошто Струга е колевката на македонските ракометни таленти, кои преку своите игри се наметнуваат и стигнуваат до сениорската репрезентација. Доволно е само да ги споменам имињата на стружаните Наумче и Златко Мојсоски, Веле и Никола Маркоски, Аце Јоновски Гоце Ојлески, Марко Нелоски и Никола Костески. Очекувам оваа нишка со репрезентативци да продолжи понатаму“, рече Спасески.

Натпреварите за пласман и финалето на 42. Меѓународен ракометен турнир „Струга 2014“ се во сабота на 16 август.

Извор: МИА