Ставрески: Добар интерес за отпис на долговите

Има интерес од страна на граѓаните за владината мерка за отпис на долговите за која од денеска почнаа да се поднесуваат барања во центрите за социјална работа. Во текот на денешниот ден се подигнати околу 2.000 барања од страна на примателите на социјална помош.

„Задоволни сме бидејќи уште од отворањето на центрите за социјална работа граѓаните доаѓаат и се интересираат, а некои од нив веднаш поднесуваат барање, додека други ги земаат формуларите кои ќе ги пополнат дома. Има добар интерес и граѓаните се одѕваа на можноста што им се дава за еднократен отпис на долговите“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој заедно со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го посети Центарот за социјални работи во Гази Баба.

Ставрески нагласи дека отписот на долговите е исполнување на предизборно ветување и една од најзначајните мерки на Владата во програмата 2014-2018 година.

„Очекувам во следниoт период да има уште поголем интерес и центрите за социјална помош и комисијата, што ја формираше Владата, да ја завршат својата работа во интерес на граѓаните“, истакна вицепремиерот Ставрески.

Според министерот Спасов, со овој проект директно ќе и се помогне на онаа група граѓани кои се наоѓаат во тешка материјална положба и ќе се надмине социјалниот ризик со кој се соочуваат овие граѓани.

„Заедно со Министерството за финансии и сите останати институции кои се вклучени во Комисијата за еднокаратен отпис на долговите изминатите денови имавме соодветни обуки со вработените во центрите за социјални работи со цел да ги подготвиме и да им укажеме на целата документација и начинот на реализација на проектот. Очекувам дека тие се подготвени да одговорат на сите граѓани кои сакаат да добијат одредена информација“, истакна Спасов.

Граѓаните кои денеска го посетија Центарот за социјални работи во Гази Баба се задоволни од оваа владина мерка, која, како што велат, ќе им помогне да преживеат.

„Оваа шанса ни се дава за да можеме некако да успееме да преживееме. Владата донесе добра мерка“, велат граѓаните.

Со мерката се отпишуваат долговите на три најранливи категории граѓани, односно корисниците на социјална помош и постојана парична помош, невработени лица кои активно бараат работа подолго од 12 месеци и лицата кои се изложени на социјален ризик поради смрт на брачен другар или инвалидност или потешка болест настанати во последните пет години.

Ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Барањата граѓаните ќе ги поднесуваат во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за нивното прифаќање ќе одлучува посебна комисија формирана од Владата.

Потребно е да се пополни барање на посебен формулар и да се внесат основните генералии, како и тоа за каков вид долг се работи. Со себе граѓаните треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку ќе се пријават.