Претседателот Иванов се сретна со претставници на кинеската телекомуникациска компанија ЗТЕ

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Охрид се сретна со г. Ксиао Минг, потпретседател на кинеската телекомуникациска компанија ЗТЕ, задолжен за Европа, кој денеска одржа предавање на Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот Иванов, се одржува во Охрид. На средбата присуствуваше и амбасадорот на Народна Република Кина.

Претседателот Иванов беше информиран за успесите на компанијата на глобален план, како и за нивните бизнис активности и планови во Република Македонија.

Претседателот Иванов упати честитки за резултатите на компанијата на глобален план и изрази благодарност за поддршката за Школата за млади лидери, нагласувајќи дека Република Македонија и Народна Република Кина бележат историски највисоко ниво во меѓусебните односи и треба да ги искористат сите можности и потенцијали за натамошно јакнење на економските врски, како и соработката во областа на науката, образованието и културата.

Потпретседателот на ЗТЕ, г. Минг, истакна дека е импресиониран од самата идеја за основање на школа за млади лидери, упатувајќи честитки за организацијата на највисоко ниво како и за квалитетните предавачи и учесници. Искажа подготвеност компанијата да ја продолжи соработката и поддршката на школата и во наредните години.

Компанијата ЗТЕ, основана во 1985 година во Народна Република Кина, е телекомуникациска компанија, присутна во 160 земји од светот.