Поставен камен-темелник на ТИРЗ Струга

Почна изградбата на инфраструктурата на ТИРЗ Струга лоцирана во охридско-струшкиот регион на површина од 30 хектари. Зоната е 4,5 километри одалечена од Струга, 10 километри од Охрид и 164 од Скопје.

Се наоѓа во непосредна близина на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, 56 километри од железничката станица во Кичево, 96 од граничниот премин Меџитлија кон Грција и 14 до граничниот премин Ќафасан кон Албанија, а најблиското пристаниште е во Драч на одалеченост од 160 километри.

На поставувањето камен-темелник присуствуваа премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за економија Беким Незири, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо и градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајковски.

Владата, како што истакна премиерот Груевски, преку Дирекцијата на ТИРЗ активно ќе работи на изградба на целосната инфраструктура на зоната.

„Ќе се реализира сообраќајно поврзување, ќе се изгради внатрешна патна мрежа, целосна водоводна канализациска, електроенергетска и телекомуникациска приклученост и се што е потребно за нормално функционирање на фабриките“, рече Груевски.

Паралелно, додаде тој, Владата ќе работи на привлекување нови инвеститори. Потсети дека првиот инвеститор, германскиот гигант ОДВ Електрик паралелно со изградбата на зоната ќе почне и со изградба на фабриката.

Оваа компанија, според премиерот, ќе вработи илјада луѓе во првите три години. Петнаесетина вработени веќе се на обука во Украина. Во завршна фаза се подготовките за влез на друга германска компанија која го одбра комплексот на поранешен ЕМО и во период од три години ќе вработи илјада луѓе.

„Станува збор за два силни гигантa од Германија кои ќе отворат над две илјади нови работни места во охридско-струшкиот регион. Плус заинтересираноста на уште една до две компании од областа на изработка на трансформатори и далноводи кои се заинтересирани за останатите делови од ЕМО“, рече Груевски, кој деталите ги остави по завршување на преговорите.

Најави дека Владата ќе продолжи со промовирање на можностите за инвестирање во Македонија.

„Ќе продолжиме да преговараме со голем број значајни компании, ќе продолжиме со постојано работење за подобрување на бизнис-климата во државата која ќе привлече нови странски инвестиции, но и ќе ги охрабри домашните да инвестираат тука во Македонија“, нагласи премиерот Никола Груевски.