Претседателот на канадското собрание Шер во посета на Охрид

Во рамки на својата работна посета во Македонија, денеска Претседателот на Собранието на Канада , Ендру Шер престојуваше во Охрид.

По ручекот ,што во чест на Ендру Шер го организира Роман Вашчук – нерезидентен Амбасадор на Канада за Република Македонија чие седиште е во Белград , а на кој присуствуваше и градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески , гостите во придружба на градоначалникот ги разгледаа најрепрезентативните културно историски знаменитости во градов.

Тие ги разгледаа црквата Св. Пантелејмон и Св. Климент на Плаошник, Света Софија , Галеријата на Икони и националната работилница за рачна изработка на хартија.

На свечениот ручек кој повеќе имаше работен карактер, Бакрачески со вториот човек на Канада Шер и амбасадорот Вашчук разговараше околу можностите за соработка на полето на културата, спортот и образованието, како и за можностите за привлекување канадски компании во слободните индустриски зони. Воедно Градоначалникот ги запозна гостите и со досега реализираните контакти со канадски фирми за инвестиции во Охрид.

Пред доаѓањето во Охрид претседателот на Собранието на Канада Шер, имаше средба со бизнис заедницата во Република Македонија, а вечерва е предвидена и вечера што во негова чест ја организира фондацијата “Macedonia 2025“.