Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар на своите интернет страни ги објавија ранг листите на наставници во основното и средното образование

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар на своите интернет страни ги објавија ранг листите на наставници во основното и средното образование, а согласно извештаите со резултатите од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците од учебната 2013/2014 година.

Согласно овие резултати, во основното образование наставници со најмали отстапувања при оценувањето на учениците има вкупно 4.080, додека наставници со најголеми отстапувањa при екстерното оценување на успехот учениците има вкупно 1.321.

Во средно образование наставници со најмали отстапувања во оценувањето на учениците има вкупно 1.354, а вкупно 646 наставници имаат најголеми отстапки при екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците.
Согласно Законот за основно образование и Законот за средно образование, наставниците со најмали, односно со најголеми отстапувања при оценувањето, ќе добијат покачување, односно намалување на плата за период од 12 месеци почнувајќи од 1 јануари 2015 година.

Државниот испитен центар во писмена форма го доставува извештајот со резултатите за спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците за учебната 2013/2014 година до општините, додека Министерството за образование и наука упати известување до општините и директорите на училиштата со насоки за постапување за процесот на подготовка на решенијата за плата на наставниците во основното и средното образование.

За наставниците со најголеми отстапувања при екстерното проверување на постигањата на успехот на учениците, Бирото за развој на образованието, ќе обезбеди советодавна и стручна обука, која ќе ја реализираат стручни лица од оваа институција.