Од 10-ти октомври аплицирање за ЦЕМТ дозволи

Од 10 до 15 октомври со почеток од 24 часот ќе отпочне аплицирањето по електронски пат за распределба на годишните ЦЕМТ дозволи за 2015 година, истакна министерот затранспорт и врски Миле Јанакиески.

„Трговските друштва кои имаат лиценци за јавен превоз на стоки за сите видови меѓународни транспортни дозволи и трговските друштва кои имаат лиценца за превоз на стока за сопствени потреби ќе можат да аплицираат на интернет страната www.dozvoli-mts.gov.mk,“ рече Јанакиески и напомена дека за ЦЕМТ дозволите за 2015 година ќе имаат право да аплицираат превозници кои поседуваат возило со еуро 5 и еуро 6.

Информираше дека до сега во базата на Министерството за транспорт и врски со изводи од лиценца евидентирани се 185 возила со еуро 6 стандард и 2.318 возила со еуро 5 стандард.

„Согласно одлуката од работната група за патен транспорт при конференцијата на министри за меѓународен превоз на стока со седиште во Париз, одлучено е Република Македонија да има 139 базни дозволи врз основа на кои ќе може да се врши распределбата на ЦЕМТ дозволите за 2015 година. Ова значи дека Република Македонија за распределбата за ЦЕМТ дозволи за 2015 година има на располагање 1220 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 5 категорија и 204 годишни ЦЕМТ дозволи за возила со еуро 6 категорија“, истакна Јанакиески.

Со тоа, додаде министерот, се очекува 100 процентна покриеност со ЦЕМТ дозвола на возилата со еуро 6 стандард и 55 – 60 отсто покриеноста на возилата со „еуро 5“ стандард, што ќе биде најдобра покриеност со ЦЕМТ дозволи за оваа категорија на возила од сите останати земји во регионот.

Јанакиески најави дека од 1 октомври ќе се објави оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници од 1 октомври.

„Аплицирањето, обработката на податоците како и целокупната постапка за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии се врши преку електронски систем достапен на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски www liniskiprevoz.gov.mk. Право да учествуваат на огласот имаат сите заинтересирани превозници-правни лица кои имаат лиценца за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници и кои електронски ќе аплицираат во периодот од 1 до 2 октомври од 9 до 9 часот“, нагласи Јанакиевски.

Овие начини на аплицирање и распределба, потенцира Јанакиески, го прави целиот процес максимално транспарентен, затоа што ја елиминира вклученоста на човечкиот фактор, исклучувајќи можноста за коруптивно дејствување во работењето и истовремено ја олеснува процедурата за аплицирање заштедувајќи време и непотребни трошоци и за превозниците и за администрацијата.