Кампања „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ во детските градинки

Годинава кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ покрај во училиштата ќе се реализира и во детските градинки во Македонија, со цел децата уште од најмала возраст да се научат на основните правила во сообраќајот, да се заштитат и да избегнат опасности.

Во рамки на оваа кампања министерот за труд и социјална политика Диме Спасов денеска ја посети ЈДГ „Весели Цветови“ Објект „Кокиче“ – Кисела Вода, каде децата, преку приспособени работилници за нивна возраст, беа учени на основните правила во сообраќајот.

„Годинава продолжуваме со реализација на оваа програма со детските градинки во Македонија. Заедно со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП), МВР и МТСП преку едукативни работилници, најразлични предавања, практични обуки за користење велосипед, анимирани филмови прилагодени на возраста, децата ќе се учат на основните правила и прописи“, изјави при посетата министерот Спасов.

Сакаме, додаде тој, уште од најрана возраст да ги едуцираме за основите правила и прописи во сообраќајот се со цел да бидат заштитени и безбедни во сообраќајот.

„Децата уште од најрана возраст се учесници во сообраќајот како пешаци и велосипедисти. Иако во најголем дел родителите вршат надзор на децата од оваа возраст, сепак постои можност тие да се соочат со одредена опасност во сообраќајот“, истакна министерот за труд и социјална политика.

Појасни дека и во Програмата за ран детски развој се опфатени и посеби едукации за безбедност, снаоѓање во сообраќај и спречување на опасности со кои дополнително, како што посочи, се едуцираат децата како да се снајдат во одредена опасност.

Никола Ангеловски истакна дека РСБСП, заедно со Владата и сите други надлежни институции како МТСП, МВР и Министерството за здравство ке се продолжи со кампањи за поголема безбедност во сообраќајот, се со цел, како што истакна, да се намали бројот на жртви во сообраќајот.