За отпис на долговите пријавени над 29.000 граѓани

Над 29.000 граѓани се пријавиле за отпис на долговите. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески оценува дека проектот се одвива одлично.

„Одлично оди проектот. Засега имаме над 29 илјади барања од граѓаните и од прилика сме некаде на средина на периодот што е за аплицирање. Граѓаните масовно се одѕваа“, вели министерот Ставрески.

Поднесувањето барања за отпис на долговите почна на 18 август, а крајниот рок е 13 октомври до 16 часот и 30 минути.

„Очекувам дека како се приближува крајниот рок и сите други ќе ги соберат документите што се основни и ќе ги посетат центрите за социјални работи и на тој начин ќе го искористат ова право и оваа можност еднократно да им се отпишат долговите на примателите на социјална помош, невработените и лицата што имале смртен случај или инвалидитет во семејството и поради тоа не можат да ги исплаќаат обврските“, додаде Ставрески.

Преку оваа мерка на Владата, ќе се отпишуваат долгови настанати заклучно со 31 декември 2013 година, а по основ на потрошена електрична енергија, топлинска енергија, за кредитни картички, пречекорувања на трансакциски сметки и потрошувачки кредити, како и долгови за радио дифузна такса. Долговите треба да бидат неплатени подолго од една година и за нив да е почната постапка за наплата.

Граѓаните ќе ги поднесуваат барањата во центрите за социјална работа во местата во кои живеат или во оние најблиску до местото на живеење, во рок од 30 дена од објавување на повикот од страна на Министерството, а за негово прифаќање ќе одлучува посебна комисија.

Потребно е да се пополни барање на посебен формулар и да се внесат основните генералии, како и тоа за каков вид долг се работи. Со себе граѓаните треба да носат лична карта и лична карта на брачниот другар. Тие ќе треба да потпишат изјава со која ќе дадат согласност за државните институции да можат по службена должност да ги набават сите други потребни документи од државните институции со цел постапката да биде поедноставна за граѓаните и да мора да одат по шалтери да ја обезбедат потребната документација.

Целата постапка за отпис на долгови на најранливите категории граѓани се очекува да заврши до ноември, а се проценува дека ќе се опфатат меѓу 50.000 и 100.000 граѓани, што, пак, зависи од тоа колку лица ќе се пријават.