Современата македонска ликовна уметност претставена во Виена

Во просториите на Амбасадата на Република Македонија во Виена, синоќа пред бројни посетители, љубители на уметноста, претставници на македонската заедница и дипломатскиот кор, беше претставена изложбата „Мејд ин Маседониа-Бриколаж“, активност која се одржува во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија“.

Изложбата ја отворија директорката на Музејот на современата уметноста, Елиза Шулевска и амбасадорот на Република Македонија во Австрија, д-р Ѓорги Филипов кои ја истакнаа важноста на ова големо ликовно претставување на современата македонска уметност во австриската престолнина.

Директорката на МСУ, Шулевска пред присутните потенцираше дека изложбата претставува уште една значајна презентација на македонското културно и духовно богатство. Таа додаде дека ова ликовно претставување е особено важно за македонската култура, бидејќи се реализира во годината кога Република Македонија одбележува дваесет години дипломатски односи со Република Австрија, а Музејот на современата уметност прослави пет децении постоење.

На изложбата „Мејд ин Маседониа-Бриколаж“, чиј куратор е Викторија Васева-Димеска, а соработници се Ива Петрова-Димовски и Благоја Варошанец, се презентирани повеќе од 20 дела од творештвото на реномираните македонски уметници: меѓу кои се: Атанас Атанасоски, Жанета Вангели, Ива Димеска, Антони Мазневски, Дијана Томиќ-Радевска, Исмет Рамиќевиќ, Вана Урошевиќ, како и дела на членовите на уметничката група ОПА, Слободанка Стевческа, Денис Сарагиновски.

Претставувањето на македонските културни вредности во Австрија завршува вечерва (21 септември) кога во познатиот театар „Одеон“ ќе биде изведена балетската претстава „14 часа“ на Македонската опера и балет, која се реализира со поддршка на Министерството за култура, а во организација на Постојаната мисија на РМ при Меѓународните организации во Виена и амбасадорот д-р Кире Илиоски.

Режисер на ова современо балетско дело е Наташа Поплавска, музиката ја напиша Кирил Џајковски, а кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров. Во „14 часа“ настапуваат првенците на МОБ: Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Васил Чичијашвили, Бобан Ковачевски и Игор Веланоски.

Viena_01