ВМРО-ДПМНЕ: Зошто минатото Локално раководство не успеало да создаде никакви реални услови за добивање средства од Светска Банка?

Во врска со прес-конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција во која стои:

„Денешната прес конференција на СДСМ е добар показател дека е крајно време оваа партија да си ја преиспита сопствената сериозност како политички субјект доколку сака и понатака да најде, некое макар и најмало место на политичката сцена.

Не поучени од досегашното искуство на национално и локално ниво од СДСМ се повеќе и почесто го допираат дното од кое најверојатно нема уште долго да се кренат доколку и понатака критикуваат се што е добро и на кое вредно и посветено се работи а е во интерес на Охрид и охриѓани.

По денешната “бледа“ и вообичаено неаргументирана прес – конференција, бараме од СДСМ јавно да им се извинат на сите охриѓани затоа што со самиот факт што за нив не се битни патиштата, улиците и другите проекти од инфраструктурата кои Општина Охрид ќе ги гради со средства од Светска Банка а кои се однесуваат за доброто на Охрид и охриѓани, директно ги навредуваат нив. Впрочем доколку на жителите на градов им се допаѓаа “капиталните“ дела на СДСМ немаше, со “стравотен“ пораз да го запечатат во градската историја минатото локално раководство на СДСМ.

И додека од СДСМ критикуваат се што се прави за подобар Охрид подобро е да се запрашаат и замислат, зошто во нивно време односно минатото Локално раководство не успеало да создаде никакви реални услови за добивање средства од Светска Банка и отпочнување конкретни проекти? Нека се запрашаат зошто во Општина Охрид не била затекната ниту една постапка која што била блиска до создавање услови за добивање средства од оваа реномирана институција, односно зошто комплетно не бил завршен ниту еден проект. И не само тоа, впрочем и не финализирањето на проектите од времето на СДСМ доведоа до голем број судски спорови кои што денешното локално раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги решава.

Самото тоа што во времето на СДСМ не се успеало да се добијат средства од Светска Банка или останатите финансиски институции кои имаат точни и јасно одредени критериуми по кои што може да се одобри еден проект, се доволен показател дека од оваа политичка партија најдоброто што го знаат е да му наштетат и да го уништуваат Охрид.

На денешната прес конференција и вчерашната седница на Совет, “наводните“ експерти по економија од СДСМ, потврдија дека не се само слаби политичари туку и слаби економисти, кои буквално не разбираат ништо кога станува збор за бројки и цифри, па загрижувачки е како тие “наводни“ експерти по економија ќе делат знаење на идните академски граѓани.

На вчерашната седница на Совет на која на дневен ред беа советнички прашања, Градоначалникот Никола Бакрачески прецизно објасни за средствата во износ од 127.053.724 денари кои општината ги доби од Светска Банка а со кои ќе се реализираат значајни капитални дела, пред се од инфра структурата како и условите и начините за враќање на истите. Средствата ќе се враќаат во период од 13 години, грејс период од три години и каматна стапка не повисока од 2 проценти на годишно ниво.

Што се однесува до каматната стапка, јавно ги прашуваме од СДСМ; Дали за нив е поприфатлива каматната стапка од 5 % кон која повеќе од очигледно покажуваат пристрасност, наместо договорената која не надминува 2% на годишно ниво? За волја на вистината и веќе покажаниот начин на работа, очекуваниот одговор е дека за СДСМ ќе беше поприфатлива повисоката каматна стапка од 5%.

Денес на општо задоволство на сите охриѓани со средства од Светска Банка ќе бидат реализирани неколку крупни проекти: изградба на кружен тек на две постојни крстосници на булеварот “Туристичка“, рехабилитација на пет локални улици и два локални патни правци како и изградба на атмосферска канализација на улицата “Васил Стефоски“. Со проектите ќе бидат опфатени следниве улици/патишта: локален пат Охрид- с. Елшани, “Илија Смически”, булевар „Туристичка“, “Питу Гули”, ”Ристо Чадо”, ”Трајче Трајчески”, “Мича Галиќ”, “Сатеска” и “Васил Стефоски“ како и набавка на 5 комунални возила за ЈКП Охридски Комуналец со капацитет на подигнување на отпад од контејнери со зафатнина од 1.1m3 и канти од 120-240 литри и тоа две возила од 3 m3 и едно возило од 9+1m3 ,едно возило од 16+1m3 и една хидростатична машина за чистење на улици -електричен тип.

Зачудува фактот зошто во континуитет подолг временски период од СДСМ, која некогаш беше сериозен политички субјект не дебатираат, немаат храброст веднаш да изнесуваат свој став во однос на некое случување туку тоа го прават со задоцнување, минимум еден, два или три дена по случувањето. Самото тоа што советниците од СДСМ вчера на седница на Совет не го искористија своето право, односно немаа храброст тоа што денес го кажаа на прес средба да го изнесат пред сите советници и останати претставници од јавниот живот е потврда дека и самите не доволно веруваат во своите зборови.

И на крај ги советуваме од СДСМ да земат пример од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина на седници на Совет кога на дневен ред се советнички прашања да се охрабрат и да поставуваат прецизни, издржани, концизни прашања за теми кои се од интерес на Охрид и охриѓани на кои како секогаш градоначалникот Никола Бакрачески ќе им даде целосни, опсежни и аргументирани одговори.“ – стои во реакцијата од ОК на ВМРО–ДПМНЕ Охрид.