Потпишан Договор за соработка во културата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Мароко

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорката на Кралството Мароко за Македонија, со седиште во Софија, Латифа Акарбах, денеска потпишаа Договор за соработка во културата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Мароко …

Со Договорот, кој претставува институционална рамка за унапредување и интензивирање на односите во областа на културата, се отвора можност марокански уметници и институции да гостуваат на домашните фестивали, но и македонски проекти да учествуваат во оваа северноафриканска земја.

„Досега сме немале некои заеднички проекти во културата и затоа се потрудивме да го направиме овој договор, се со цел да се востанови плодна и интензивна соработка межу институциите во двете земји, зашто културата спојува и поврзува. Убедена сум дека овој документ ќе создаде услови за воспоставување на конкретни форми за презентирање на културните богатства и особености на македонскиот и на мароканскиот народ“, рече Канческа-Милевска. Таа нагласи дека во 2017 година кога ќе се одбележат 15 години од воспоставувањето на дипломатски односи со Кралството Мароко, со заложби на двете страни, ќе се реализираат културни содржини и во двете земји.

На средбата министерката за култура Канческа-Милевска информираше и за инвестициите на Владата на РМ и на Министерството за култура, а стана збор и Законот за филмска дејност и привлекувањето на странски инвеститори кои сакаат да снимаат филмови во нашата земја, како и за стипендирањето и размена на студенти и размената на документарни филмови, кои беа нагласени како конкретни области во кои соработката може најбрзо и најмногу да се продлабочи.

Амбасадорката на Кралството Мексико Латифа Акарбах, нагласи дека инвестциите во културата се најдоброто што државите може да го направат затоа што со тоа ги зближуваат луѓето, ги прават поблиски, овозможуваат нивно подобро меѓусебно разбирање и запознавање. Таа упати покана до македонските уметници да ги посетат фестивалите во Мароко, а за потпишаниот договор потенцираше дека е мост што ќе ги зближи двете нации.

Во денешниот глобален свет културата постојано се менува и е многу важно културните разлики меѓу луѓето да бидат премостувани. Затоа, овој документ е од особена важност за двете држави зашто придонесува за размена на уметници, научници, луѓе од културата и луѓе кои го менуваат светот. Инвестирањето во културата е и инвестирање во меѓусебното разбирање на различностите. Сакам да искажам восхит и почитување на Владата на РМ што успева да ги обединува луѓето од различни култури, како што во нашата монархија се обединети различни луѓе. Мароко ја има таа среќа да излегува на океанот и на Медитеранот, има 34 милиони луѓе, но не е важна големината на државите и нивниот број на жители, туку е најважно државите да имаат влади со политичка волја и низ дијалог и соработка да ги решаваат сите отворени прашања, нагласи амбасадорката на Мароко.