Младите од Црвен крст Охрид утре ќе танцуваат на плоштадот Св.Климент Охридски

Во рамките на Националната програма на Црвен крст на Р.Македонија, Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности (ЦКА-ПХВ), која веќе 17 години се спроведува во Македонија, младите учат за културата како систем на вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно опшество, и при тоа се поттикнати да бидат активни и да изработуваат мали проекти за добробит на заедницата.

Секоја година покрај обуката за дисеминација 1200 младинци од цела Македонија на возраст од 14 до 18 години добиваат и обука како да изработуваат мали проекти за добробит на своите заедници. Оваа година, од страна на младинците учесници во ПХВ циклусот 2013-2014, изработени се рекорни 210 мали проекти преку кои им е директно помогнато на 4055 лица. Од сите проекти, како исклучително благородни и најуспешни беа оценети 6 проекти на младите на Црвен крст Охрид, за што нашата организација се здоби со највисокото признание – ПХВ Пехар.

Имајќи ја предвид Стратегијата 2020 на Црвениот крст на Р. Македонија, во која третата стратешка цел е унапредување на социјалната вклученост и култура на ненасилство и мир, од пред три години е воведена нова недела во традиционалниот календар на активности, недела на Промоција на хумани вредности, од 21-27 септември.

Оваa година во рамките на одбележувањето ма ПХВ неделата ќе се организира заедничко танцување, познато како flesh mob. За таа цел подготвена е кореографија на песната Happy (Среќен) од Фарел Вилијамс од страна на професионален танчер. Младите веќе неколку недели се подготвуваат во своите клубови во кои членуваат младите од различни етникуми кои преку овој настан се запознаават и се зближуваат.

Настанот во целата држава ќе се оддржи на 27 септември (сабота) со почеток во 12 часот на плоштадите во секој град каде има канцеларија на Црвен крст. Младите од општинската организација на Охрид ќе тануваат заедно на плоштадот Св. Климент Охридски, под мотото: ТАНЦУВАМЕ ЗАЕДНО – ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО!

Преку танцувањето младинците ќе испратат порака за разновидноста на културите и толеранцијата, дијалогот и соработката, взаемната доверба и разбирањето се меѓу најдобрите гаранции за мирот и соживотот, а ние како претставници на Црвен крст имаме одговорност да дејствуваме.