Во недела во центарот на Охрид ќе се одбележи „Светскиот ден на срцето’’

Во недела на 28 септември во центарот на Охрид ќе се одбележи ‘’Светскиот ден на срцето’’.

Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид во соработка со Локалната самоуправа на Охрид и годинава ќе бидат главни промотори на низа активности.

Настанот ќе отпочне во недела на градскиот плоштад од 9 часот, каде се до 15 часот екипи од доктори и медицински сестри вработени во Заводот за кардиоваскуларни заболувања ќе им бидат на располагање на заинтересираните граѓани, во смисла на правење основни превентивни прегледи (мерење на крвен притисок и правење на електрокардиограм на срцето) и давање совети како да го променат својот животен стил со цел за поздрав живот и заштита на своето срце и крвни садови.

Оваа година Светскиот ден на срцето се одбележува под мотото “Во срцето на здравјето“ и има за цел да го поттикне секој еден поединец на активности со кои би го заштитил и зачувал своето здравје, но во истовреме и да поттикне промени во своето опкружување, во својата локална заедница, во своето општество – изјави Изабела Автоска, в.д. диркетор на Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид.

“Светскиот ден на срцето“ е востановен во 2000 год. од страна на Светската федерација за срце, со цел да се информираат луѓето ширум светот дека болестите на срцето и мозочниот удар се водечка причина за смрт во светот, и однесуваат околу 17.3 милиони животи на годишно ниво.

Редовно од таа година наваму, секој 29 септември на светско ниво се одржува промоција на Светскиот ден на срцето, секоја година со некоја различна тема, но секогаш поврзано со разгледување на некои клучни прашања врзани со здравјето на срцето и крвните садови.

Светскиот ден на срцето во оваа 2014 год. е насочен кон создавање здраво опкружување кое ќе му овозможи на луѓето да создадат позитивни промени,кои од своја страна ќе овозможат луѓето да го намалат својот ризик од срцева болест или мозочен удар. Овде посебно се нагласува значењето на здравиот начин на живот, односно значењето на активностите во спречувањето на факторите на ризик за настанок на болестите на срцето и крвните садови кај сите возрасни групи. Светската федерација сака да ни укаже дека најмалку 80% од случаите со предвремена смрт од кардиоваскуларни болести (КВБ) можат да се избегнат доколку четирите основни фактори на ризик : пушењето, нездравата исхрана, физичката неактивност и прекумерната употреба на алкохол, успееме да ги контролираме.