Свечен прием за делегатите на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска синоќа во Музејот на македонската борба се обрати на свеченоста по повод започнувањето на Генералното собрание на Европската алијанса на композитори, чиј домаќин, од 28 до 30 септември, е Сојузот на композиторите на Македонија …

Во присуство на Алфонс Карабуда, претседател на Европската алијанса на композиторите (ЕАКС); Сони Петровски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и Јана Андреевска, претставник на СОКОМ во ЕАКС, Канческа-Милевска на присутните делегати им посака срдечно и топло добредојде.

„Уште на почетокот би сакала да го изразам задоволството за укажаната чест и доверба да бидеме организатори на овој значаен настан, кој ги потенцира заедничките заложби на сите 43 асоцијации-членки на организацијата во остварувањето на правата на европските музички творци, во активното креирање на културната политика и во зближувањето на авторите независно од жанровските разлики. Творештвото е, несомнено, основен елемент на нашиот идентитет и затоа сите ние мораме да демонстрираме највисок степен на одговорност за него, да пронајдеме поефикасни механизми за неговата стимулација и за презентација на врвните остварувања на нашите автори“, рече министерката Елизабета Канческа-Милевска. Таа ги нагласи заложбите на Владата на РМ во развојот на творештвото и промоцијата на вредностите што ги поседуваме како држава.

„Во изминатиот период спроведовме низа стимулативни мерки во сите области на културата, мерки кои ја збогатија продукцијата на дела и го унапредија статусот на творецот. Исто така, имајќи предвид дека авторското право е неприкосновено право кое се цени насекаде во светот, настојувавме да ги почитуваме и имплементираме сите ратификувани и прифатени меѓународни конвенции, договори и другите документи кои ги гарантираат правата што произлегуваат од творештвото“, потенцираше министерката за култура.

Потсетувајќи дека СОКОМ речиси 70 години е своевидна „матица на македонските музички автори“ и неизоставен фактор во поддршката и унапредувањето на целокупната музичка сцена во Република Македонија, но и партнер на Министерството за култура, министерката нагласи дека во изминатите години оствариле значаен придонес кон македонската култура преку стимулирање на авторите, збогатување на творештвото, иницирање нови манифестации, многубројни нови изданија и значајни меѓународни активности.

04a__gen_sobr_na_EAK

„Во таа смисла, токму овој настан е потврда за нивната, но и за нашата заложба за поттикнување на творечкиот дух, размена на искуствата со музичките творци од цела Европа, за дејствување во пошироки, европски рамки. Одржувањето на Генералното собрание на ЕАКС во Скопје, Република Македонија, е важно не само поради афирмацијата на македонското музичко творештво туку и заради создавањето на идната платформа за доближување на нашата култура до европското семејство. Генералното собрание е можност и нашите организации (СОКОМ, ММИ, „Шпато“, КОНИП и МЕМА) да добијат патоказ за новите можности за нивно културно, уметничко и политичко дејствување во иднина. Убедена сум дека четвртото Генерално собрание на ЕАКС ќе резултира со многу заклучоци и конкретни планови кои ќе го поттикнат творештвото и неговата презентација во меѓународен контекст“, рече Канческа-Милевска.

Претседателот на ЕАКС, Алфонс Карабуда, го изрази своето задоволство што Генералното собрание ќе го одржат во Македонија и дека откако пристигнал во Скопје, сфатил зошто оваа држава е исполнета со културна самодоверба.

„Имајќи ги предвид фестивалот „Охридско лето“, Струшките вечери на поезијата, Скопскиот џез-фестивал, за кои знаев претходно, откако прошетав низ центарот на градот ми стана јасно дека вашата самодоверба во културата не е базирана само на елементите и објектите во финансиска смисла туку на целиот пејзаж во културна смисла“, рече Карабуда.

ЕKСА е меѓународна организација која застапува повеќе од 23.000 професионални музички автори од 40 европски организации од сите музички жанрови (класична, популарна, филмска музика и аудиовизуелна музика). Во рамките на сесиите, ќе се разговара за актуелните европски прашања за авторските музички права, за развојот на културните активности на авторите и за низа тековни проекти на комитетите на ЕKСА. Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, исто така ќе организира и работна средба на Одборот на ЕKСА со претставници на домашните авторски здруженија (ММИ, КОНИП, ШПАТО и МЕМА). На 29 септември, пред делегатите на ЕКСА, својот прв концерт ќе го одржи Ансамблот за современа музика „Кон темпора“ (ConTempora), кој неодамна беше формиран од СОКОМ со цел да се промовира македонската и светската современа музика. На концертот ќе бидат изведени дела од: Глишиќ, Андовска, Андреевска, Трандафиловски, Пејовски, Велковска-Трајановска и Петровиќ-Алексова, а со ансамблот ќе диригира маестро Сашо Татарчевски.

09_gen_sobr_na_EAK