Министерството за транспорт и врски ќе објави оглас за одобрување на возни редови за нови линии

Министерството за транспорт и врски информира дека утре (1 октомври 2014 година) ќе објави оглас за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот линиски превоз на патници.

Аплицирањето, обработката на податоците како и целокупната постапка за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии се врши преку електронски систем достапен на интернет страницата на Министерството за транспорт и врски www.liniskiprevoz.gov.mk

Право да учествуваат на огласот имаат сите заинтересирани превозници-правни лица кои имаат лиценца за вршење на меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници и кои електронски ќе аплицираат во периодот од 01.10.2014 година од 09 часот заклучно до 02.10.2014 година до 9 часот.

Во електронското барање за одобрување на возни редови за нови линии или промена на возни редови за одобрени линии превозникот пополнува задолжителни податоци за исполнување на условите (критериумите) за одобрување на возниот ред согласно одредбите во член 24-а од Законот за превоз во патниот сообраќа и Правилникот за начинот, постапката и поблиските услови за одобрување на возни редови за нови линии и за промена на одобрени линии во меѓуопштинскиот и меѓународниот превоз на патници, издавање, продолжување и одземање на дозволата за одобрена линија, формата и содржината на образецот на дозволата и возниот ред.

Одобрувањето за возни редови за нови линии и за промена на возни редови за одобрени линии кое се врши преку електронски систем во согласност со член 24-а став 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај.

Овие начини на аплицирање и распределба гo прават целиот процес максимално транспарентен, затоа што ја елиминира вклученоста на човечкиот фактор, исклучувајќи можноста за коруптивно дејствување во работењето и истовремено ја олеснува процедурата за аплицирање заштедувајќи време и непотребни трошоци и за превозниците и за администрацијата.