Конференција на високо ниво за вештини за иднината – Западен Балкан и Турција– настан за проверка на проектот “FRAME“

Министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, денес се обрати на регионалната конференција „Вештини за иднината – Југоисточна Европа и Турција“, во организација на Европската Фондација за обука, во Тирана, Република Албанија.

Министерот Адеми истакна дека човечките ресурси со што поседуваат вештини потребни на среднорочен и долгорочен план се во основата на петте приоритети на Владата на Република Македонија за развој на општество базирано на знаење, кои вклучуваат: зголемување на економскиот раст и на вработеноста, поквалитетен живот, интеграција во Европската Унија, одржување добри меѓуетнички односи, како и инвестирање во образованието, иновациите и информатичката технологија.

„Денешната Конференција на високо ниво ни овозможува да размениме погледи и да ги споделиме искуствата од двегодишниот процес на соработка во развојот на визии за потребните вештини на долгорочен план и да разговараме за користењето на резултатите од проектот во прилагодувањето и унапредувањето на политиките за развој на човечки ресурси“, рече министерот Адеми.

Со FRAME проектот, истакна Адеми, за прв пат се примени пристапот foresight за предвидување, кој овозможи партиципаторен пристап во формулирањето на визијата за вештини 2020, преглед на институционалната поставеност и развој на систем за мониторинг на имплементацијата на Визијата на вештини 2020.

„Како резултат од овие активности, денес Република Македонија има Преглед на комплексната институционална пос-тавеност, меѓуинституционална поврзаност и испреплетеност на чинителите одговорни за развој и имплементација на политики за развој на човечки ресурси. Прегледот содржи препораки за унапредување на системот со цел зголемена ефикасност и ефективност во развојот на човечките ресурси, напомена министерот“, додавајќи дека Прегледот претставува водилка за националните мерки и активности што ќе се преземат како одговор на предизвиците за подобрување на институционалната поставеност на системот.

„FRAME проектот даде непроценлив придонес за развој, имплементација и мониторинг на кохерентни политики за развој на човечките ресурси. Најголем предизвик на национален и на регионалне план е предизвикот за воспоставување на доверливи и добро опремени со ресурси системи за предвидување на потребите од вештини. Системите треба да се базираат на добро координирани институционални мрежи, што ќе овозможи обезбедување квалитетни податоци за планирање, имплементација и мониторинг на политиките за развој на човечките ресурси“, рече во своето обраќање пред присутните министерот Адеми.