Наградата „Сахаров“ за гинекологот Муквеге од ДР Конго

Денис Муквеге, гинеколог од Демократската Република Конго, специјализиран за третман на жртвите на силување, е овогодинешниот добитник на наградата „Сахаров“, која ја доделува Европскиот парламент за слобода на мислата.

Првиот европарламентарец, г. Мартин Шулц и лидерите на политичките групи, донесоа одлука со која 59-годишниот гинеколог ја победи тесната конкуренција сочинета од Проевропското украинско движење „EuroMaidan“ и Лејла Јунус, активистка за човекови права и бранење на правата на етничките малцинства во Азербејџан.

Денис Муквеге, силно спротиставувајќи се на фактот што силувањето се користи како оружје на војната, за време на Африканската војна во 1998 година, ја основал Панзи болницата во градот Букаву во Демократска Република Конго, каде сè уште ги третира жртвите на сексуално насилство кои претрпеле сериозни повреди.

Тој ќе ја прими наградата на 26 ноември за време на пленарната седница на Европарламентот во Стразбур.

Инаку, наградата „Сахаров“, во чест на советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, Европскиот парламент ја доделува од 1988 година на поединци и организации заслужни за одбрана на човековите права и основните слободи.

Минатата година оваа награда ја доби 16-годишната Малала Јусафаи, пакистански борец за образование на девојчињата, која неодамна ја доби Нобеловата награда за мир.