Заменик министерот Ќамили учесник на тематскиот панел – “Стратегија за огнено оружје: една година потоа“

Денес во Брисел во организација на Генералниот директорат за внатрешни работи на Европската Комисија, заменикот на министерот за внатрешни работи, Земри Ќамили, учествуваше на Панел на високо ниво на тема – „Стратегија за огнено оружје: една година потоа“.

Заменикот на министерот Ќамили, имаше свое обраќање на овој настан, при што се осврна на напорите што ги презема Република Македонија и МВР во овој домен, но, и од аспект на борбата против нелегалната трговија со оружје како заедничка задача на ЕУ и на регионот на југоисточна Европа.

„Цврстата определба за заедничко работење во искоренување на овој современ феномен, утврдена е во рамките на Министерските форуми „ЕУ-западен Балкан“ одржани во Тирана во 2012 година и во Будва во 2013 година. Притоа, донесена е одлука за воспоставување на Регионална мрежа на експерти вклучени во борбата против илегалната трговија со оружје,“ – истакна Ќамили.

Исто така тој говореше за значењето на регионалната соработка на ова поле, имајќи ја предвид реализација на идејата за воспоставување на Експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во Југоисточна Европа. Република Македонија се вклучи во оваа група, што ја сочинуваат националните полициски експерти определени од министерствата за внатрешни работи од Република Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Хрватска, Република Косово и Република Србија, посветена на имплементација на механизими за борба против нелегална трговија со оружје и муниција.

Заменик министерот Ќамили во своето обраќање презентираше и предлог мерки што во нареден период би можеле позитивно да влијаат на подобрување на состојбите во оваа важна област. Тие, пред се, се насочени кон формирање на заеднички истражни тимови за водење истрага на кривични дела од областа на оружјето, зајакнување на активностите на Експертската група за мерки против недозволена трговија со оружје во југоисточна Европа, што генерално ќе придонесе кон интензивирање на прекуграничната соработка во регионот со вклучување на ЕУ преку нејзините реномирани агенции и што, како крајна цел би можело позитивно да влијае на подобрување на состојбите во оваа важна област.