HACCP презентиран и пред претставниците на казината и бањските лекувалишта

Во соработка со претставници од детските градинки, угостителите, хотелиерите, казината и бањските лекувалишта, неделава, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство, се одржаа деветнаесеттата и дваесеттата работилница за интензивирање на имплементацијата на HACCP во угостителските објекти. Со последните две работилници, на кои присуствуваа над 300 лица, со основите на HACCP системот за безбедност на храната, важноста од негово имплементирање и одржување, се запознаа операторите од Гевгелија, Дојран и Богданци. Работилниците кои се одржаа неделава во овие населени места, се дел од Акцискиот план на Агенцијата за храна и ветеринарство за поинтензивно воведување на овој контролен систем кај операторите со храна, со кој, до крајот на годинава се предвидува одржување уште на најмалку 4 едукативни работилници за HACCP.

На работилниците претставен беше водичот „НАССР системот во угостителските објекти и неговото имплементирање“, кој неодамна го подготви Здружението на хотели, ресторани и кафетерии на Република Македонија – ХОТАМ, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, со единствена цел- подобро информирање на угостителите со принципите на НАССР системот, со акцент на подобрување на имплементацијата на овој безбедносен систем во угостителските објекти во Република Македонија.