40 стипендии за доквалификација преку програмите на Академијата за менаџери

Министерството за образование и наука и оваа година доделува 40 стипендии во износ од 500 евра, за доквалификација на постдипломско ниво, преку програмите на Академијата за менаџери, каде предаваат реномирани професори од престижната високо образовна установа, Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, односно СИТИ Колеџот лоциран во Солун.

25 од стипендиите се за модулот „Стратешки маркетинг” во рамки на смеровите „Стратешки Менаџмент” и „Стратешки Маркетинг”, а 15 стипендии за модулот „Балканската економска средина во банкарството и финансиите“ во рамки на смерот „Финансии“. Конкурост за стипендиите е објавен денеска, на интернет страниците на МОН и Академијата.

„Продолжува поддршката на бизнис заедницата со цел продуцирање уште подобри, поуспешни кадри кои ќе овозможат поголема конкурентност и оперативност. Ги охрабрувам сите граѓани кои сметаат дека им е потребна надградба на нивното теоретско и практично знаење во конкретните области, да аплицираат и да ја искористат оваа бесплатна можност што ја нудат МОН и Академијата за менаџери“, рече заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски на прес конференција во Сојузот на стопански комори.

За апликациите на конкурсот кои заедно со потребните документи се доставуваат до МОН, ќе одлучува координативно тело формирано од претставници на Министерството, Сити колеџот, Сојузот на стопански комори и Академијата. Избраните кандидати ќе следат предавања организирани еден викнед во ноември или декември, зависно од модулот, во времетраење од 22 часа. Секој што успешно ќе заврши, стекнува сертификат од Меѓународниот факултет на Шефилд – СИТИ Колеџ.

Во изминатите две години преку 250 македонскки граѓани од различни стручни профили вработени во приватниот и јавниот сектор,се доквалификуваа на Академијата за менаџери.