Само со “нулта толеранција“ кон престапниците можно е општество ослободено од корупција

„Постои потреба од засилување на казнената политика во делот на корупцијата и коруптивното однесување за истата да соодветствува на заканите по нашите земји, олицетворени во овој вид на криминал. Само со промовирање на „нулта толеранција“ и строги санкции кон престапниците, може да обезбедиме општество ослободено од корупција и коруптивно однесување“Ова меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето обраќање на Третата сесија на генералното собрание на земјите членки на Меѓународната анти-корупциска академија (IACA) која се одржува во Баку, Азербеџан.

Јанкулоска во своето обраќање нагласи дека институциите во Македонија доследно ги реализират нивните надлежности во сузбивање на корупцијата и коруптивното однесување, работејќи напоредно како на планот на превенција, така и на полето на нивно санкционирање.

Еден од стратешките приоритети на МВР е борбата против корупцијата меѓу вработените во полицијата, како предуслов за враќање на довербата од граѓаните и основен услов за владеење и почитувањето на законот, подеднакво за сите. Во тој контекст, Јанкулоска напомена дека Сектиорот за внатрешна контрола и професионални стандарди, како внатрешен механизам на Министерството, во континуитет настојува да ја зголеми својата ефикасност и ингеренциите. Како пример таа посочи дека годинава беа детектирани 19 кривични дела поврзани со давање и примање поткуп, како и со примање награда за противзаконско влијание, за кои беа пријавени 23 вработени. Во делот кој се однесува на „злоупотреба на службената положба и овластувањата“ процесуирани се 41 пријава против 71 лице, а во 16 од овие случаи е детектирана таканаречената корупција од „висок профил“.

Министерката Јанкулоска на маргините од Третата сесија имаше билатерална средба со домаќинот на овој настан, азербеџанскиот министер за внатрешни работи Рамис Усубов. На средбата на двајцата министри констатирано е дека досегашната соработка меѓу двете земји, како и двете институции, се одвива во нагорна линија особено преку заедничката партиципација во разните меѓународни иницијативи и организации, особено Советот на Европа и НАТО програмите, при што заеднички беше констатирано дека постои простор за натамошно интензивирање и продлабочување како на билатералната така и на мултилатералната соработка. Во тој контекст на средбата беше афирмирана иницијативата за скорешно поптишување на Договор за полициска соработка меѓу двете земји во којшто би биле опфатени повеќе сфери на активности од заеднички интерес.