По петти пат „Sound of Egypt“ во Охрид

Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ го отвори Фестивалот на музичкото и фолклорно творештво на Египќаните од Р. Македонија „Sound of  Egypt“, што по петти пат се одржува во Охрид.

„Како град на соживотот во кој се негуваат различните култури и вредности, овој фестивал зазема посебно место на културната и фестивалска мапа на Охрид. Почитувани, ова е Ваша ноќ. Вечерва преку музиката и танцот, ќе биде отсликан духот, енергичноста и љубезноста кои се одлика на етничката група на која вие припаѓате. Со желба овој фестивал да ја доживее „возраста“ на Балканскиот фестивал на народната музика и танци или  на фестивалот „Охридско лето“ ги поздравувам изведувачите, организаторите на ова случување  како и  претставниците на Здружението на Египќаните од Охрид“, – истакна Јанев, посочувајќи дека Египќаните се значајни чинители во културниот, политичкиот и економскиот живот во Охрид и битни градители  на соживотот и толеранцијата.

Здружението на Египќаните од Охрид, во знак на благодарност за поддршката која ја добиваат од Локалната самоуправа, додели благодарница за градоначалникот Никола Бакрачески,  а во негово име  ја прими  заменик  градоначалникот, Ангел Јанев.