Прв национален форум за Отворено владино партнерство

Во организација на Центарот за истражување и креирање на политики денеска се одржува Првиот национален форум за Отворено владино партнерство, на кој обраќање имаше министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Тој се осврна на активностите преземени во домен на Отвореното владино партнерство, како суштествен сегмент за поврзување на владата и бизнис заедницата и соработка со граѓанските организации.

„Уште со првиот Акциски план Владата на Република Македонија направи седум заложби со мерки кои придонесуваат за отвореност, транспарентност и отчетност, како основни вредности од Декларацијата за отворено владино парнерство. Овој процес во голем дел му помага на приватниот сектор и на граѓаните, а сето тоа има за цел активно да поттикне креирање на нови работни места и нови иновации.“– истакна министерот Ивановски.

Вториот акционен план за Отворено владино партнерство се усвои во јуни 2014 година, по што беше донесена одлука за формирање на работна група за негово спроведување. Таа ќе ја информира владата за напредокот на спроведувањето на активностите на квартално ниво, со истовремено давање препораки за повеќе аспекти кои се содржани во Декларација за отворено владино партнерство.

Во рамките на вториот Акциски план за отворено владино партнерство граѓанската организација – Македонски центар за меѓународна соработка, објавува податоци на единствениот национален регистар на правни прописи ЕНЕР. Имено, оваа граѓанска асоцијација врши мониторинг врз одржувањето на јавните консултации во јавното креирање на законите од страна на сите институции. Ова е еден од поуспешните примери на синергија помеѓу владините институции и граѓанските организации.

На денешниот Национален форум обраќања имаа претставници од Канцеларијата на ЕУ и британската амбасада во Република Македонија, како и од Центарот за истражување и креирање на политики.