Работилница за слободен пристап до информации од јавен карактер

Во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер и општина Охрид, денеска се одржа работилница посветена на слободниот пристап до информации од јавен карактер. Работилницата, на која учествуваа студенти од Универзитетот за информатички науки и технологии „ Св. Апостол Павле“ и ученици од општинските средни училишта, ја отвори заменик градоначалникот Ангел Јанев.

Слободниот пристап до информациите од јавен карактер е едно од основните права на граѓаните и се темели врз уставното начело со кое се гарантира слободниот пристап и примањето и пренесувањето информации. Практикувањето на ова начело е регулирано со посебен закон и претставува еден од механизмите за транспарентноста во работата на органите на централната власт и единиците на локалната самоуправа.

Пред почетокот на оваа работилница имавте можност да посетите дел од службите на Локалната самоуправа и да се информирате за начинот на нивната работа.Тоа го организиравме за да можете практично да видите каков е патот до добивање на информации за граѓаните, со што се оценува и транспарентноста во работењето на локалната администрација“ – рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.

pristap_informacii_4001

На работилницата, претставници од Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен каракер ги запознаа учесниците со содржината на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и искуствата од неговата примена.

Во општина Охрид, како што беше речено во дискусијата, има овластени лица за посредување по барања на граѓани и институции за слободен пристап до информации и нивните годишни извештаи ги усвојува Советот на општина Охрид. Покрај тоа на официјалната веб- страница на општина Охрид има поставено банер со линк за преземање на барањата и другите формулари, објавени се документите кои се достапни за јавноста и поставен е линк со Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Беше потенцирано дека на општинската веб- страница покрај другите документи редовно се објавува Службениот гласник со одлуките донесени на Советот на општина Охрид, урбанистичките планови кои се во фаза на јавна расправа и други огласи и соопштенија кои се во интерес на граѓаните. Страницата ги објавува и сите настани поврзани со активностите на градоначалникот, советот, секторите во администрацијата и јавните претпријатија.

pristap_informacii_4003