Кривична пријава за службеничка која овозможила исчезнување на 52 поднесени барања за приватизација

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Несовесно работење во службата“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ф.З.Ш.(65) од охридското село Велгошти.

Пријавената, во својство на службено лице-советник за првостепена управна постапка во Одделението за првостепена управна постапка-Охрид во Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, со пропуштање на должен надзор или на друг начин со очигледно несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности, овозможила исчезнување на 52 поднесени барања за приватизација.

Станува збор за предмети кои, во периодот од 2005 до 2012 година, пријавената Ф.З. уредно ги имала примено со интерни доставни книги, а кои заклучно до 26-ти март минатата година до нејзиното заминување во пензија записнички не ги предала и со истите не се раздолжила.

На ваков начин на подносителите на овие 52 барања за приватизација им била предизвикана штета од нивно дополнително реконструирање и обновување на предметите со нова писмена документација но и штета со пролонгирање на временскиот период за нивно решавање.